Прекин на образовниот процес има во скоро сите држави од целиот свет. Според статистиката од УНЕСКО, 1.379.344.914 ученици или вкупно 80% од оние кои активно ја следат наставата не одат во училиште. Ова се должи на затворањето на училиштата во 138 држави, се со цел спречување на заразата со Ковид-19. Со оваа мерка, во Северна Македонија засегнати се над 350 илјади ученици.

Справувањето со корона кризата која го погоди и образовниот сектор е различно во државите низ светот. Училиштата во Кина почнаа да се отвораат, иако поголемиот број од нив остануваат затворени. По првичното одложување од 2 недели, во Република Кореја започна академската година. Таму групни и лице в лице часови се забранети, а универзитетите нудат часови преку интернет. Во Романија повеќето универзитети остануваат отворени. Додека пак, во Шведска се затворени сите средни училишта и универзитети. Хондурас исто така, ги затвори сите училишта, а на универзитетите им даде избор да одлучат дали ќе останат отворени или не. Спроведување на часови со помалку од 20 деца е изводлива во Исланд, а во Јапонија универзитетите се затворени, но не поради корона вирусот, туку поради редовниот пролетен распуст.

Во соседството затворени се воспитно-образовните институции, а дел од наставата продолжува на телевизиските канали. Освен кај нас, настава на националните телевизии има и во Србија, Хрватска, Албанија. Додека пак, државните и приватни факултети алтернативите за настава ги спроведуваат преку онлајн комуникација со помош на дигитални платформи и апликации.

На денешната прес-конференција, министерот за образование Арбер Адеми најави дека од утре во функција ќе биде новата веб платформа е-училница која е по примерот на искуствата од Хрватска.

Владата на синоќешната седница донесе уредби за основното, средното и високото образование со кои се огранизира наставата и оценувањето од дома. Предвидено е предавања, вежби, испрашувања, тестирања на учениците или индивидуалната настава да се одвиваат онлајн.