fbpx

Поради корона кризата, догодина ќе нема инвестиции во изградба на нови паркинзи во Скопје

-

Големите финансиски загуби на јавните претпријатија годинава ќе доведат до одложување на планираните капитални инвестиции во изградба на нови јавни паркинзи и монтажни гаражи за решавање на проблемот со паркирањето во Скопје. Големиот број проблеми со паркирањето во главниот град, за што „Мета.мк“ веќе подолго време пишува, и понатаму ќе се решава единствено со интервенции од помал обем.

„ЈП Паркинзи на Општина Центар се соочи со голема финансиска загуба како резултат
на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19. Бидејќи се работи за исклучително
тешка година, ЈП „ПОЦ“ во 2021 година ќе мора да ги стопира капиталните инвестиции се со цел да не се загрози нормалното работење на претпријатието“, велат за „Мета.мк“ од ЈП „ПОЦ“.

Тие додаваат дека наместо изградба на новите монтажни паркинзи што беа најавени кај ДТЦ „Дилајла“ и кај бараките на Општина Центар, сега имаат план да направат реконструкција на постојните монтажни гаражи за да се обезбедат дополнителни паркинг места. Ако добијат помош од Општина Центар или од Град Скопје, во тој случај ЈП „ПОЦ“ е подготвен да ги реализира проектите што беа претходно предвидени за 2021 година.

Откако ги зголемија цените за паркирање на почетокот на годинава, од ЈП ПОЦ велат дека во 2021 година не планираат да го поскапат паркирањето на паркиралиштата со кои стопанисуваат. ЈП „Градски паркинг“ пак со одлука на Совет на град Скопје на почетокот на месецов го поскапи паркирањето за 5 денари за еден час на сите зони на паркирање во Скопје со кои тие стопанисуваат, а нови цени добија и месечните паркинг карти во катните гаражи.

Инаку, „Мета.мк“ во два наврати во изминативе три недели испрати прашања до ЈП „Градски паркинг“-Скопје, но од нив досега не добивме одговори за тоа какви инвестиции планира ова јавно претпријатие да вложи догодина за да се зголеми бројот на паркинг места во главниот град.

Единствено Општина Карпош излезе со информација дека во моментов течат координативните активности со ЈП „Градски паркинг“ за спроведување на регулација на паркинзите, односно воведување на зонско паркирање на територијата на оваа општина. Со оглед на тоа што веќе беше спроведена анкета на која граѓаните позитивно се изјаснија, извесно е дека во 2021 година ќе се воспостави зонско паркирање во населбите Карпош 1 и 2, со кое ќе управува ЈП „Градски паркинг“.

И ЈП „ПОЦ“ и „Градски паркинг“ веќе подолго време имаат проблем со недостигот на паркинг места, кој најизразено се гледа преку бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите наспроти вкупниот број на паркинг места со кој управуваат двете претпријатија. Па така, заклучно со декември минатата година, ЈП „Градски паркинг“ располагаше со 8.999 паркинг места, додека имал издадено 113.963 бесплатни дозволи за паркирање на станарите кај зонското паркирање и кај јавните паркиралишта во општините Центар и Аеродром.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...