Поради истребувањето на некои видови птици, преживеаните во иднина ќе наликуваат едни на други

фото: Hans Veth на Unsplash

Глобална анализа предвидува дека, како што сè повеќе видови птици исчезнуваат, оние што ќе преживеат ќе станат послични меѓусебе во однос на големината, обликот на клунот и другите карактеристики, пишува „Њу Сајентист“.

Во последните 50 години, САД и Канада изгубија повеќе од една четвртина од своите птици – околу 3 милијарди животни – поради човечка активност. Студија објавена минатата година покажа дека сега има 600 милиони птици помалку во Европа отколку што имало во 1980 година. Трендот на истребување се очекува да продолжи и според најновиот извештај за состојбата на птиците во светот, кој покажа дека за 48 отсто од птиците во светот се знае или постојат сомнежи дека се истребуваат.

Научниците  велат дека како што исчезнуваат некои од најретките и најкарактеристичните птици, веројатно е дека преживеаните видови ќе станат слични со текот на времето – процес наречен „хомогенизација“.

„Знаеме дека ќе изгубиме видови, но не знаеме многу за другите аспекти на различностите кои се исто така многу важни“, рекла Ема Хјуз од Универзитетот Шефилд во Велика Британија, пренесува „Њу Сајентист“.

Хјуз и нејзиниот тим ги испитувале музејските збирки на повеќе од 8.400 различни видови птици ширум светот. Тие ги споредиле физичките карактеристики на секоја птица, вклучувајќи ја големината на телото, обликот на клунот и должината на нозете и крилјата. Потоа, научниците користеле статистички модел за да предвидат како биодиверзитетот ќе се промени во идниот свет каде што се изгубени видовите што сега се класифицирани како „критично загорзени“, „загрозени“ и „ранливи“ од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата.

Истражувачите ја поделиле Земјината топка на 14 различни „биоми“ или главни живеалишта – како што се шумите и пасиштата. Нивниот модел сугерира дека ако се изгубат само „критично загрозените“ птици, 12 од 14 биоми на планетата би се насочиле кон повеќе слични видови. Ако сите прити класифицирани како критично загрозени, загрозени или ранливи исчезнат, се предвидува дека сите биоми ќе се соочат со хомогенизација.

Тимот открил дека мерката за тоа колку се слични сродните видови еден со друг, позната како „филогенетска разновидност“, ќе се намали, како што видовите исчезнуваат. Но, опсегот на физички карактеристики како обликот и големината, наречен „морфолошка разновидност“, се очекува да се стесни уште побрзо.

„Прилично е ужасно што ја губиме оваа еволутивна историја“, вели Хјуз.

Научниците предвидуваат дека птиците, во повеќето екосистеми ширум светот, ќе ги изгубат своите уникатни карактеристи и ќе се приближат кон „физички просек“ кој ќе вклучува мала до средна големина на телото и силен, краток клун, како што сега имаат врапчињата и враните.

Губењето на птиците со уникатни карактеристики може да има сериозно влијание врз здравјето на екосистемот.

„Намалената разновидност на птиците најверојатно ќе доведе до намалување на разновидноста на консумираните инсекти, опрашувањето на цвеќињата, распрснувањето на семињата и друго“, вели Џозеф Тобијас од Империал колеџот во Лондон.

Хјуз забележува дека едно жариште на хомогенизација се Хималаите во Азија, кои се дом на неколку видови загрозени мршојадци.

Тимот научници планира да направи дополнителни анализи, а потоа да го испита влијанието на инвазивните видови врз идната разновидност на птиците.