Поради енергетската криза „Skopje Light Festival“ ќе трае два дена

фото: Skopje Light Festival

Поради енергетската криза, Skopje Light Festival ќе трае два дена, а сите инсталации се со ЛЕД осветлување и минимална потрошувачка, најавија организаторите на фестивалот кој ќе се одржи викендов, 2 и 3 септември, во Градскиот Парк.

“Со цел да одговориме на предизвиците на енергетската криза, а да не го донесеме во прашање одржувањето на фестивалот, бројот на фестивалски денови e сведен на само 2 дена, сите инсталации и перформанси се со ЛЕД осветлување и имаат минимална потрошувачка, а граѓаните на Скопје ќе можат да уживаат во ова културно збиднување исто како сите граѓани на големите европски метрополи, кои и во овие моменти на енергетска криза ги одржуваат фестивалите во полн сјај“, стои во соопштението на организаторите.

Тема на овогодинешниот фестивал е реалната рефлексија која нѐ поттикнува да ја истражиме светлината, да ја почувствуваме и да уживаме во нејзиниот пат, велат организаторите.

На петтото издание учество ќе земат авторите Рубин Трајковски, Анета Стојчевска, Зоран Тошевски, Бобан Манов, Мартин Димитријев, „Т33 креатив енд ко“, Ана Трајковска, Кристина Пауновска- Гиразова, Елизабета Тошевска и Перо Кованцалиев.

Дел од фестивалот ќе бидат и учениците од ДСУЛУД ,,Лазар Личеноски”. Со своја инсталација ќе се престави и тимот на светлосни дизајнери при матичната институција, а во специјално дизјанираната „чил“ зона посетителите на фестивалот ќе ги забавуваат диџеите Бранчез, Зоки Бејбе, Вишко, Сашо-Узун, Томи Бојаџи и Маци Стојановиќ.