Популарната игра Fall Guys станува бесплатна на 21 јуни

Фото: Sean Do on Unsplash

Популарната игра Fall Guys станува бесплатна на 21 јуни. Се работи за игра која на прв поглед изгледа како игра за деца, но е многу повеќе од тоа. Во играта се игра со еден лик кој се бутка во голема гужва од повеќе играчи, каде сите ликови се направени како “гумени бомбони” и се преминува преку вртоглави препреки, нивоа каде подот исчезнува под нозете, вртимушки кои се поминуваат само со продолжено скокање и сето тоа додека и другите играчи се обидуваат да ве бутнат во провалија или да ве задржат да не можете да поминете меѓу првите.

Ова е игра каде што е многу тешко да се освои прво место. Играта е колоритна со повеќе силни бои и разновидни нивоа и е екстра привлечна за деца, но и возрасни ја играат поради тоа што е смешна и бара вештини. 

 

Играта, која претходно можеше да се купи на Steam, премина во сопственост на Epic Games и беше една од популарните игри за повеќе играчи на почетокот на пандемијата. На 21 јуни станува тотално бесплатна, односно “Free To Play” игра. И не само тоа, туку ќе се ресетираат сите досегашни настани во играта од почеток и ќе има “сезони” со уште повеќе награди. Тие што ја имале купено играта досега добиваат специјални бонуси во вид на скинови за ликовите и бесплатен пристап до “сезонска пропусница” (season pass). 

Исто така, ќе има и микротрансакции, како и секоја “Free To Play” игра во форма на таканаречена валута “Showbucks”, со кои ќе можете да купувате од продавницата во играта, без разлика дали се работи за скинови или други додатоци. Играта е забавна, добра и тешка, но и доста друштвена. Се смета дека како бесплатна ќе биде уште подруштвена, поради тоа што ќе можат да се соберат повеќе пријатели и да ја играат заедно одеднаш.