fbpx

Поповски: Резултатот ќе покаже кој бил за демократија

-

Во еден ваков момент кога сме мета на напади, ние ќе бидеме коректни и нема да издаваме за тоа што се преговара во работните групи. Резултатот ќе покаже кој бил во право и кој е за демократија, а кој не, изјави за „Мета“, Роберт Поповски, претседател на работната група на СДСМ во преговорите на политичките партии во сферата на медиумите.

Провладините медиуми викендов, пак, објавија документ според кој предлогот на СДСМ е таа партија да
предлага три члена од Советот на Агенцијата за медиуми. Според медиумите, во членот 19 од Законот, СДСМ бара претседателот на Агенцијата за медиуми да го избира Собранието по предлог на опозицијата.

По овие информации, четирите телевизии со национална концесија, „Алфа“, „Канал 5“, „Сител“ и „Алсат“, преку заедничко соопштение протестираа на идејата на СДСМ која, според нив, води кон целосна цензура на медиумите.

„Телевизиите се шокирани и изненадени од фактот дека некој во 21 век воопшто помислил да предлага закон со кој целосно се уриваат слободата на изразување и независноста на медиумите, односно да предлага тоталитарни закони, непознати дури ни во најголемите диктатури. Националните концесионери предупредуваат дека слободата на медиумите е еден од основните столбови на демократските држави. Оттука бараат партиите да го отфрлат со индигнација овој срамен предлог на СДСМ и да ги прекинат преговорите сè додека на маса не се стави предлог кој ќе води кон либерализација на медиумскиот простор. Апелираат сите странски дипломатски претставништва јавно да се оградат и да го осудат овој обид за репресија на медиумите и на новинарите“, стои во соопштението.

Од СДСМ велат дека Никола Груевски и неговите медиумски курири се во паника од губењето на власта и од процесот за средување на состојбите во медиумскaта сфера.

„Груевски е престрашен да не ги изгуби креаторите на виртуелните вести за неговите виртуелни инвестиции, виртуелни работни места, виртуелни политики од кои се иселија 626.312 луѓе. Затоа продуцира невистини преку „Курир“ и другите медиумски курири. Професионалните и етичките новинарски стандарди подразбираат непристристрасно, објективно, транспарентно и навремено информирање на граѓаните. Но, „Курир“ има задача да креира виртуелни вести и сè што е поврзано со вистината да го блокира“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Денеска треба да продолжат преговорите на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино, кои разговараат за средување на медиумскиот простор. Треба да се донесе решение за иднината на функционирањето на Агенцијата за медиуми, на МРТВ и на новинската агенција МИА.

Здружението на новинари (ЗНМ) минатата недела протестираше пред Клубот на пратеници, местото каде се одржуваат преговорите, со барање и претставници на здружението да бидат вклучени во разговорите. Партите засега не го испочитуваа нивното барање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...