Бидејќи Европската унија е политичка унија, треба да се применат политички критериуми за поврзување на регионот. Инфраструктурата не служи само за транспорт на стоки и на луѓе, туку и за интегрирање на Балканот во европскиот проект.

Тоа го истакна македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, во обраќањето на министерската конференција на Западен Балкан „Подобра поврзаност, силна и клучна транспортна мрежа“, што се одржа денеска во Приштина.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, од своја страна, укажа на важноста од вклучувањето на целиот Коридор 8 како дел од мрежата на главните европски коридори. Јанакиески ги истакна инвестициите и активностите што ги презема Владата на Република Македонија за развој на коридорите и за унапредувањето на поврзаноста со регионот и со земјите од Европската унија.

Според комесарот за проширување, Јоханес Хан, Европската унија ќе оддели една милијарда евра за унапредување на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.

– Проектите во инфраструктурата, транспортот и во енергетиката се клучни за економскиот развој, привлекување нови инвестиции и за отворање нови работни места – посочи Хан на конференцијата, на која, меѓу другите, присуствуваше и комесарката за транспорт, Виолета Булц.

Поврзувањетo на земјите од регионот ќе доведе до зголемување на инвестициите, но и до зајакнување на врските меѓу луѓето преку границитe и до уривање на предрасудите, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

Следниот состанок во регионален формат, според договореното на конференцијата, треба да се одржи во Македонија, а во меѓувреме да се договорат клучните проекти.

Денешниот состанок се организира како дел од Берлинскиот процес, а во пресрет на состаноците во Рига и во Виена, во мај и во јуни оваа година.