Делегација на Република Македонија, предводена од министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Зоран Јолевски, денеска во Брисел учествува на редовниот годишен состанок со Северно-атлантскиот совет на ниво на амбасадори на земјите-членки на НАТО, соопшти МНР.

Во своите обраќања, министрите Попоски и Јолевски говореле за постигнатите резултати во рамките на политичките, економските и на одбранбените реформски процеси во Република Македонија. Тие истакнале дека Република Македонија е целосно посветена на евроатлантската интеграција која претставува движечка сила за сите наши реформи и како рамноправен и докажан партнер на Алијансата, континуирано ги споделува заедничките вредности и одговорности.

Задржувајќи се на важноста на политиката на отворени врати на Алијансата, Попоски, меѓу другото, подвлекол дека и покрај рекордните 16 циклуси на спроведување на Акциониот план за членство, имплементацијата на реформи во согласност со НАТО-стандардите, исклучителниот придонес во мисиите на Алијансата, како и посветеноста кон разговорите за отстранување за последната пречка за нашето зачленување во НАТО, Република Македонија сè уште е во позиција да чека.

Попоски, како што наведуват од МНР, повикал на постигнување консензус околу одлуката за што побрзо упатување покана за членство во Алијансата, истакнувајќи ги нашите реформски постигнувања, исполнети стандарди и нашата значителна контрибуција во мисиите на НАТО.

За време на престојот во Брисел, Попоски и Јолевски се сретнале со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кој размениле мислења и ставови за актуелната политичка состојба во земјата, како и за предизвиците со кои се соочува Република Македонија за успешно справување со бегалската криза.