Попова Шапка, постапката за лиценцирање на жичарата со шест седишта е вратена од почеток

-

Постапката за лиценцирање на жичарата со шест седишта во Попова Шапка е покрената од почеток заради неколку грешки во претходното барање испратено од „ЕЛЕМ Турс“. Од „ЕЛЕМ Турс“ велат дека најбрзиот начин за исправање на грешките во барањето било да се изготви ново барање. А од Министерството за транспорт и врски истакнуваат дека сега веќе оформиле комисии и го разгледуваат истото, известува „Порталб.мк“.

Во меѓувреме, на Попова Шапка освен снег, за време на актуелната скијачка сезона изгледа дека ќе недостига и долговетуваната жичара со шест седишта.

Пред три недели, „Порталб.мк“ информираше дека рокот за давање наредба за теренско истражување на жичарата со шест седишта истекол, којшто според процедурата, сега веќе требало да биде завршен, доколку сите постапки би се одвивале според предвиденото.

Првото барање, поднесено на 27 декември минатата година, имало грешки, па поради тоа истото било вратено од Министерството за транспорт и врски, со цел да биде преразгледано и да се исправат истакнатите грешки.

Меѓутоа, законскиот рок за исправка на овие барања истекол, а од „ЕЛЕМ Турс“ не ја завршиле работата. Тие вината за ова ја префрлаат на Агенцијата за катастар на недвижности на која, според нив, ѝ било потребно премногу време за исправка на грешките. Од таа причина, на 7 февруари оваа година доставено е ново барање.

– Моравме да доставиме ново барање со цел оваа постапка да се одвива што побргу бидејќи законскиот рок од страна на Министерството за транспорт и врски за исправка на забелешките не беше доволен, ни беше потребно повеќе време. Исправката на забелешките од министерството, не зависеше од нас, туку од други институции, а на таа институција ѝбеа потребни повеќе од 15 дена за ова – рекоа од „ЕЛЕМ Турс“ за „Порталб.мк“.

Сега, според Законот за градба ќе бидат потребни уште дополнителни 15 дена за техничката инспекција за добивање лиценца да даде одговор, што испаѓа некаде до крајот на месец февруари.

Од Министерството за транспорт и врски ни рекоа дека Комисијата за ова прашање го разгледува барањето со цел истата да заврши што поскоро.

– Ние побаравме од „ЕЛЕМ Турс“ да ги исправи забелешките што ги имавме од првото барање, законскиот рок истече. Поради тоа, на 7 февруари примивме ново барање. Истото го разгледуваме, оформивме комисија и доколку сѐ е во ред, лиценцата за употреба на жичарата со шест седишта ќе биде издадена – рекоа од Министерството за транспорт и врски.

Инаку, во октомври 2019 година и официјално е завршена повторената постапка за пуштање во употреба на жичарата со шест седишта, односно за пренамена на земјоделското земјиште во индустриско. Документите за текот на постапката биле заглавени во фиоките на „ЕЛЕМ Турс“ до крајот на месец декември.

Првиот договор за изградба на жичарата на Попова Шапка бил потпишан на 10 март 2014. Од тогаш земјиштето е пренаменето од земјоделско во градежно земјиште. Одлуката на Владата за ова е објавена во Службен весник бр. 190/14 на ден 2.12.2014 година. Но, поради одолговлекувањето на постапките од страна на институциите, и неколку други непознати чинители, изградбата на жичарата започнала во јуни 2016 година. Меѓутоа, веднаш се појавиле пречки. Државниот инспекторат за животна средина поради неколку неправилности, донел одлука за прекинување на работите во јули 2016 година. Работите повторно биле почнати со изведба во јули 2018 година, а пуштањето во функција на жичарата до денешен ден не е направено.

Мариупол не е град во Русија, туку во Украина

Објава на Фејсбук го опишува Мариупол како „град во Русија“, но според меѓународното право, тоа е град во Украина, кој е под окупација на Русија. Таа го држеше под опсада...