Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Република Косово, на покана на заменикот на претседателот на Владата и министер за надворешни работи, Хашим Тачи.

За време на посетата предвидено е потпишување на билатерална спогодба меѓу двете влади за условите за патување на државјаните на двете земји. Спогодбата предвидува преминување на државната граница со биометриски лични карти за краток престој.

На средбата, како што информираат од МНР, ќе се разговара и за проекти за прекугранична соработка и за проекти за подобро поврзување.