Ова е мудар чекор на грчката дипломатија што ќе придонесе за евроинтеграцијата на регионот и за подобрување на билатералните односи, рече Попоски пред утрешната посета на неговиот грчки колега, објави „Телеграф“.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, ја оценува како многу корисна утрешната посета на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас. Тој нагласи дека во овој момент двете земји се далеку од некакво решение со спорот за името, но дека тоа не треба да ги спречува да соработуваат на други полиња и да имаат добри билатерални односи.

– Утрешната посета е заедничка иницијатива и утре ќе ги утврдиме конечните мерки за доверба. Преку дијалог, може да се создаде добра клима и за главното прашање поради кое сме блокирани во евроинтеграцијата. Ова е мудар чекор на грчката дипломатија што ќе придонесе за евроинтеграцијата на регионот и за подобрување на билатералните односи – рече Попоски.

Коментирајќи го состанокот во Советот на ЕУ, на кој една од точките е и Македонија, рече дека политичката криза во која се наоѓа земјата довела до тоа да има заклучоци порано.

– Не стравувам дека може да ја изгубиме препораката за преговори. Тоа ќе се знае од редовниот извештај што ќе го објави Европската комисија. Нам ни е потребно испорачување резултати за поглавјата 23 и 24 – нагласи Попоски.