fbpx

Попоски – Коѕиас: Треба да се надминат планини за да се најде решение за името

-

Разликите во црвените линии во спорот за името меѓу Македонија и Грција остануваат, меѓутоа двете држави претендираат да се фокусираат на меѓусебната соработка и на нештата што ги зближуваат, наместо на проблемот што ги разединува. Ова беше заклучокот на македонскиот и на грчкиот министер за надворешни работи, Никола Попоски и Никос Коѕиас, при денешната средба во грчкото министерство за надворешни работи во Атина.

Двајцата министри ја изразија едногласно желбата за поголема билатерална соработка меѓу Македонија и Грција, а разговараа за бегалската криза, спорот за името, поголема енергетска соработка и за имплементирање на мерките за градење доверба меѓу двете страни.

Министерот Попоски беше јасен дека меѓу двете страни постојат значителни разлики во ставовите за името. Како што изјави тој, ќе треба да се надминат планини за да се најде решение. Меѓутоа, според него, двете страни прават чекор напред и се одлучени да се фокусираат на меѓусебната соработка, да се работи да подобрување на климата меѓу двете земји.

– Македонија има стратегија да има добри односи со Грција и тоа е насоката кон која ќе се движат нашите врски – истакна Попоски.

Зголемената соработка и мерките за градење доверба, според Попоски, се правилната насока во која треба да се движат двете држави. Сепак, македонската влада, како што истакна Попоски одговарајќи на новинарско прашање, не се откажува од идејата потенцијалното решение да оди на референдум, факт кој не е позитивно прифатен од грчка страна.

Министрите не открија детали околу можните нови грчки предлози во преговорите што се најавуваа пред средбата. Коѕиас ја задржа тајноста околу преговорите, посочувајќи само дека преговорите се одвиваат во рамки на Обединетите нации.

– Работиме во насока на компромис, кој ќе се бори против екстремниот национализам и иредентизам од двете страни и ќе ѝ помогне на иднината за двете држави. Преговорите во ОН се случуваат во договорени рамки и нема резултат кој би бил за јавна објава – истакна Коѕиас.

Посочи дека и двете страни се задоволни за иницијативата за спроведување мерки за градење доверба, кои ќе ги помогнат разговорите во ОН и ќе помогнат во процесот на изолирање на екстремните гласови од двете страни.

Попоски оцени дека е важен чекор што грчките власти, како министерствата, парламентот и грчкиот претседател, разговараат отворено со македонските и со тоа помагаат за унапредување на билатералната соработка. Забележа дека мерките, иако се можеби симболични, се многу важни и опфаќаат голем број сектори. Двајцата министри разговарале за соработката во туризмот, економијата, културата, се фокусирале на европските перспективи, размена на знаење, како и на потребата за имплементирање реформи во регионот, развој на владеењето на правото и подобрување на борбата со организираниот криминал.

Едно од најчувствителните прашања во целата дискусија беше бегалската криза, за која и двете страни истакнаа дека мора да има поголема соработка. Како што посочи Попоски, и двете страни мора да направат сè што се може за да се понудат подобри и похумани услови за бегалците што транзитираат од Грција преку Македонија во Европа.

– Оградата на границата со Грција не е долгорочно решение – истакна Попоски.

Објасни дека за Македонија, која има само 2 милиони жители, транзитот на илјадници бегалци креира голем проблем и мора да се осигури нивно безбедно и хумано пренесување до следната точка. Посочи дека токму поради ова се поставени пречки на границата, за да се избегне илегално преминување. Како што истакна, оградата ќе падне кога ќе има подобар систем на евидентирање на бегалците за да се избегнат потенцијални проблеми.

Попоски и Коѕиас разговарале и за можностите за подобра енергетска соработка и за приклучување на Македонија кон грчката енергетска мрежа.

По посетата на грчкото министерство за надворешни работи, Попоски замина на средба и кај грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...