fbpx

Попоски и Дачиќ ја „заплескаа“ ЕУ за проблемите со мигрантите

-

Македонија се соочува со посебен проблем – наплив на мигранти „од ЕУ земји“, соопшти шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за време на прес-конференцијата во Виена одржана во рамките на самитот посветен на Западен Балкан.

Попоски соопшти дека до неодамна, во Македонија секојдневно влегувале по 4.000 мигранти, а според последните проценки, во следниот период се очекува секојдневно да пристигаат по 3.000 мигранти.

Македонскиот министер ја истакна потребата за финансиска помош за регионот, додавајќи дека еден милион евра нема да биде доволен.

Забелешката на Попоски доаѓа еден ден откако Европската комисија одвои 1,5 милиони евра помош за Македонија и Србија.

– Се додека нема одговор од ЕУ за ова прашање, никој од нас не гради илузија дека прашањето ќе биде решено. Охрабрувачки е тоа што Европската комисија е свесна за проблемот – рече Попоски.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ вели дека градењето огради не е решение на проблемот.

– Со години велевте дека азилантите во ЕУ доаѓаат преку Србија и Македонија, но ние можеме да кажеме дека мигрантите доаѓаат од ЕУ. Ве прашуваме: Кога планирате да воспоставите јасна контрола и како планирате да ги спречите да доаѓаат. Нема да ги спречите со милион евра, колку што планирате да дадете – рече Дачиќ.

Според Дачиќ, ЕУ, која сака Србија и земјите од регионот да создадат акционен план за мигрантите, „треба прво да си направи сопствен план“.

– Бидејќи немате акционен план во Европа, ние мора да го понесеме најголемиот товар и свесни сме за тоа – рече Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија истакна дека конференцијата за проблемот со азилантите е предоцна закажана за во октомври.

– Лесно е да се создаваат проблеми во други делови на светот, додека ние ја плаќаме цената за тоа. Ние дефинитивно не сме виновни за проблемите во земјите од кои доаѓаат мигрантите, а секојдневно нашата граница ја минуваат по 2.000 лица – рече Дачиќ.

Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, истакна дека е неопходно да се сврти вниманието на ЕУ кон „рутите на Западен Балкан“, додавајќи дека е неопходно да се изнајде пристап за решавање на проблемот со азилантите.

Курц смета дека е „само преку заеднички европско решение возможно да се најде одговор за проблемите со кои се соочува континентот“.

Еврокомесарот Јоханес Хан истакна дека актуелната криза со азилантите може да се надмине само доколку „сите мислат и дејствуваат на европски начин“.

– Сите 28 ЕУ-членки мора да соработуваат, а оние кои не се погодени од кризата не смеат да се кријат. Во следните неколку недели може и други региони на Европа да бидат погодени – рече Хан.

Еврокомесарот ги повика сите членки на солидарност и изрази надеж дека кризата ќе се надмине и ќе се создадат услови кои ќе им помогнат на земјите низ кои транзитираат мигрантите.

– Главната задача ќе биде да се заштитат надворешните граници, но исто така мора да се справуваме со причините. Во соседството на ЕУ веќе имаме 20 милиони бегалци – рече Хан.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер истакна дека проблемот со азилантите стана „многу повидлив“.

– Движејќи се од аеродромот кон собиров, видов група луѓе како пешки се движат по автопатот кон Виена. Тоа покажува колку итно треба да се реши проблемов и со колку голем предизвик се соочуваме – рече Штајнмаер, додавајќи дека сите ЕУ-членки мора да си ја завршат својата домашна задача и оти е неопходно рамноправно да се распределат во земјите.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...