fbpx

Попоски: Доаѓањето на Коѕиас е знак за зголемената комуникација меѓу двете земји

-

Утрешната посета на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, на земјава, е показател за зголемената политичка комуникација и дел од мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција, изјави денеска шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, пред почетокот на Амбасадорскиот совет, кој ќе се одржува во наредните три дена.

– Посетата на грчкиот министерот за надворешни работи би ја ставил во рамки на тоа што веќе одреден временски период сме посветени, како Влада, а тоа е зголемување на довербата меѓу двете земји и, во тој контекст, и зголемена политичка комуникација. Една од пораките од состанокот на конзуларно-дипломатските претставништва е дека сме посветени на регионот. Минатата година ја имавме од министрите од Бугарија и од Албанија, годинава од Грција. Во континуитет, тоа е испраќање на јасна порака на Република Македонија дека сакаме да бидеме фактор на стабилност и предвидливо опкружување во нашиот регион, а Грција е еден од клучните фактори за нас – рече Попоски.

На прашањето дали спорот за името ќе биде тема на средбата со Коѕиас, Попоски рече дека тоа е малку веројатно.

– Не верувам дека во оваа пригода ќе имаме можност да се зафатиме со негово решавање. Во изминатиот период рековме дека тоа што ни е приоритет е подобрување на односите меѓу двете земји, создавање поцврсти врски, во што е можно повеќе области и мислам дека за ова, во изминатиот период направивме сериозен напредок. Сето тоа би го ставил во графата на зголемување на довербата меѓу Македонија и Грција – рече шефот на македонската дипломатија.

Попоски рече дека во изминатиот период е направен напредок во релаксирање на односите меѓу двете земји, благодарение на мерките за доверба. Тој рече дека се бележи прогрес на теренот во голем број области, како што се образованието, енергетската и економската соработка, бизнис-промоцијата, комуникацијата меѓу институциите на двете земји и оти тоа во минатото било незамисливо.

– Не мислам дека ова за нас е некоја посебна причина за славење, туку претставува мотив за редефинирање на нашите односи, од односи кои генерално биле асоцирани со меѓусебен спор, негирање и конфронтации во секоја можност, во испраќање на една порака дека во крајна линија ние имаме и ќе останеме со еден многу голем сериозен проблем. Во недостиг од решение на овој сериозен проблем, можеме да имаме едни поинакви грчко-македонски односи, кои се во интерес, пред сè, на грчките и на македонските граѓани и кои ќе ни овозможат градење подобра клима меѓу двете земји – рече Попоски.

Во однос на реториката на Атина, која ја обвинува Македонија за иредентизам, Попоски изјави дека нема илузии оти таа ќе престане за неколку недели или месеци.

– Нашите односи се толку комплексни и толку обременети со тој тежок и неправеден проблем веќе долг временски период, што неверојатно е дека тој за неколку недели или месеци ќе исчезне. Треба да ја гледаме пошироката слика, а тоа е дека наместо да одиме во една насока на меѓусебни етикетирања и обвинувања, можеме да одиме во насока на градење подобри грчко-македонски односи во сите области. На тој начин ќе ги намалиме цената на какви било изјави од која било страна што другата страна би можела да ја разбере во негативна конотација – рече Попоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...