Анкетните листови се поднесени во различни периоди, затоа се со различи вредности и со различни функции, соопшти денеска Никола Попоски по прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, за двата имотни листа на Попоски, едниот поднесен како министер, а друг како пратеник.
– Анкетниот лист на Никола Попоски како министер за надворешни работи е поднесен во 2014 година до ДКСК. Анкетниот лист на Никола Попоски како пратеник е поднесен во 2017 година до ДКСК. Секој функционер има обврска да поднесе анкетен лист со изборот, односно по именувањето – вели Попоски.
Во однос на различните суми за вредноста на имотот, Попоски вели дека тоа е последица на промена на пазарната вредност на имотот.
– Разликата во вредноста на станот од 200.000 денари за период од три години од анкетниот лист како МНР до онаа во анкетниот лист како пратеник се должи на промените на вредноста на пазарот на недвижности во Белгија. Порастот во заштедата на сопругата на Никола Попоски, како и неговата лична заштеда се должи на периодот на поднесување на едниот и другиот анкетен лист, по што е логично, пратеникот Попоски и неговата сопруга да имаат поголеми заштеди (сума зголемена во период од 2014 до 2017) од министерот за надворешни работи Попоски. Во однос на возилото „ауди“, исто така е логично е да се намали вредноста на возилото. Така, возилото на министерот Попоски во 2014 година било проценето на 900.000 денари, додека истото во 2017 година би вредело помалку и е проценето на 860.000 денари, имајќи ја предвид амортизацијата на возилото – вели Попоски.
Тој истакна дека работите се многу логични и јасни, дури и за Шилегов, но оти портпаролот на СДСМ не го интересира вистината, туку политичкото сплеткарење со кое посакува да претстави дека неговите нечесни намери се во функција на демократијата во Македонија.