Во владата попладнево ќе се одржи нова средба меѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) како уште еден обид да се постигне договор за завршување на штрајкот во училиштата и градинките во земјава. Покрај претседателот на СОНК Јаким Неделков, на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе биде и претседателката на Европската конфедерација на синдикати, Сузан Флокен.
Претпладнево Неделков и Флокен одржаа прес-конференција, на која што тој рече дека и ако има средба со владата, мали се изгледите дека ќе може вечерва нешто да се случи за носење нова одлука и сѐ поизвесно е дека утре ќе продолжи штрајкот. Неделков изјави дека членството кое штрајкува на крајот ќе одлучи за секоја можна понуда. Сепак, тој спомена дека јавноста вечерва ќе биде информирана ако евентуално штрајкот се прекине.
Штрајкот на СОНК во училиштата и градинките започна на 11 април, а на 20 април синдикатот ги отфрли заклучоците на Владата за покачување на платите за 10 отсто кое би стартувало со буџетскиот ребаланс, кој во собраниска расправа би требало да влезе во текот на идниот месец.
Од СДСМ денеска излегоа со соопштение, во кое велат дека секое ново губење часови е на штета на децата.
„Особено голема штета може да им биде нанесена на илјадници матуранти, бидејќи се поблиску се роковите за полагање матура и завршен испит. Апели за децата да се вратат во наставните клупи со право пристигнаа и од УНИЦЕФ и од Народниот правобранител“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Социјалдемократите велат дека неопходно е раководството на СОНК да го прекине штрајкот, да овозможи учениците да се вратат на училиште, а своите барања да ги остварува во дијалог со надлежните институции. Во изминатите 4 години СДСМ ги зголеми платите во образованието за 21 отсто.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска рекоа дека Владата продолжува со притисоците кон образовниот кадар. Опозициската партија вели дека владата на Ковачевски треба да ги прифати барањата на СОНК, со што учениците би се вратиле во школските клупи, а професорите и наставниците на нивните работни места.