fbpx

Попис во Македонија нема ни догодина

-

Во нацрт-буџетот за наредната година нема предвидено пари за попис. Ниту во ставката на Државниот завод за статистика (ДЗС) ниту, пак, кај Државната изборна комисија(ДИК), кои, според некои шпекулации, би можеле да го спроведат пописот. Во нацрт-буџетот за  2015 година за ДЗС предвидени се нешто повеќе од три милиони евра, кои се премалку за спроведување попис, за разлика од оној за 2011 година кога биле предвидени речиси 12,5 милиони евра.

Во нацрт-буџетот за идната за година за ДИК се предвидени само еден милион и 62 илјади евра, од кои 650.000 евра се за изборни активности. Она што тука влева доза сомнеж, е што во буџетот на ДИК има пари за избори иако за 2015 година не се предвидени никакви избори.

Според информациите на „Дневник“, формуларот во форма на прашалник со кој ДИК ќе го прочистува избирачкиот список, кој би бил користен при теренските проверки, по многу нешта потсетува на цела група прашања кои се вообичаени за попис.

Експертите предупредуваат дека последиците од неспроведувањето на попис можат да бидат големи: погрешна политика на регионален развој, развиваање несоодветни образовни политики, немање информации за состојбите со миграциите и со економскиот и инфраструктурниот  развој, нерелевантен избирачки список и многу други.

Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС и демограф, вели дека за спроведување попис потребни се темелни подготовки и барем една година претходно да се донесе Закон за попис и да не се прават никакви територијални поделби. Според него, ДИК не може да спроведе попис затоа што тоа е работа на ДЗС.

– За спроведување попис, потребни се темелни подготовки за кои се потребни од една до две години. Нереални се барањата да се спроведе попис до крајот на идната година, бидејќи освен политичка волја, потребна е и стручна подготовка, што не се стекнува за два, три или четири месеци – вели Герасимовски.

Donco-Gerasimovski
Дончо Герасимовски

Тој вели дека пописот не е само статистичка операција, туку и база на сите планирања во една држава и без него се доведува во прашање валидноста на сите податоци со коишто се располага. Според него, последиците од неспроведување попис можат да бидат катастрофални.

– Замислете дека со поделбата на општината Центар од Чаир и на Аеродром од Кисела Вода нема реални податоци колку жители имаат овие општини. Не се знае ни старосната граница, образовната структура, социјалната структура ниту, пак, домашниот бруто-производ – вели Герасимовски.

Герасимовски додава дека незамисливо е да се спроведе попис, а во прашалникот да не е оставен простор да се напише етничка припадност или, пак, да се бројат и граѓаните кои една година не се во Македонија.

– Се работи за стандард. Не гледам зошто кај нас би било поинаку – вели Герасимовски.

Во извештајот на Европската комисија за 2014 година наведено е дека недостигот на ажурирани податоци за популацијата, продолжува да има негативно влијание на статистичките податоци во многу области. Исто така, пишува дека како алтернативна методологија за спроведување на пописот можат да бидат административните регистри, но и дека за ова ќе треба поширок меѓупартиски консензус.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...