До утрово во 8 часот, вкупно 22.253 лица биле евидентирани преку апликацијата за самопопишување на Државниот завод за статистика (ДЗС). Дијаспората непречено ја користи апликацијата за самопопишување, а од ДЗС веќе излегоа со предупредување дека секое лице што ќе се обиде да ја злоупотреби апликацијата, вклучувајќи го и внесувањето лажни податоци, ќе биде казнет според законските прописи.

Покрај дијаспората, непречено се одвива започнатиот процес на претпопишување на лицата во казнено–поправните установи, бездомните лица, ангажираните во Армијата, дипломатско-конзуларни претставништа и претставниците во меѓународните институции, како и за самопопишувањето на оние кои престојуваат во странство.

Во меѓувреме, се вршат подготовките за спроведување на главната фаза на пописот од 1 до 21 април. Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“, започна кампањата за спроведување на претстојниот попис. Кампањата е креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска Унија.

Во кампањата се вклучени и претставници на етничките заедници во земјава, а со неа граѓаните ќе бидат информирани за претстојниот попис.

ДЗС ја започна и неколкудневната обука што ќе трае до 7 март, а на која се обучуваат 150-те државни инструктори, кои исто така се од редот на вработените во Државниот завод за статистика. На обуката, покрај теоретски дел ќе бидат опфатени и практични вежби. По завршувањето на обуката, државните инструктори имаат обврска да одржат обука на членовите на комисиите на пописните реони и на реонските инструктори.