Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, против кого се водеше една постапка, нестручно и несовесно постапил во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. За ова на овој јавен обвинител изречена му е дисциплинска мерка – намалување на плата во висина од 30% од платата во траење од 6 месеци од правосилност на решението, информираат во Јавното обвинителство.
„Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по целосно спроведени две дисциплински постапки и испитани факти и околности, одлучи дека вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки“, се наведува во соопштението.
Како што информираат оттаму, за вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, пак, се воделе две одвоени дисциплински постапки.
„Во едната постапка комисијата утврди дека е одговорен поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје, а во другата за нестручните одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи пред него биле реферирани и со негова согласност биле донесени одлуките. Со оглед на утврдените тешки дисциплински повреди во двете постапки одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје. Единствено во однос на наводите за сторена уште една тешка дисциплинска повреда од Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје кои се однесуваа на нарушување на угледот на Јавното обвинителство, Комисијата одлучи дека постои застареност на предлогот“, се наведува во соопштението.