Photo by Andrew Keymaster on Unsplash

Тримесечната политичка криза во Белорусија никако да резултира со компромис меѓу белорускиот претседател Александар Лукашенко и опозицијата предводена од Светлана Тихановска. Здружената белоруска опозиција му даде рок до денеска на претседателот Лукашенко за да си поднесе оставка, а во спротивно се закани дека ќе организира генерален штрајк во Белорусија којшто би започнал од понеделник, јавува Би-би-си.

Ваквиот ултиматум од белоруската опозиција доаѓа по речиси три месеци од одржувањето на претседателските избори во Белорусија на 9 август, по кои двајцата главни противкандидати – Александар Лукашенко и Светлана Тихановска се обвинуваат меѓусебно за тоа кој е победник на изборите. Опозицијата тврди дека Тихановска е новиот белоруски претседател, обвинувајќи го Лукашенко за изборна кражба. Официјалните резултати од белоруските официјални власти се дека Лукашенко освоил 80,1 отсто од гласовите.

Инаку, американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера имал телефонски разговор со белорускиот претседател Александар Лукашенко, од кого побарал белоруските власти да отпочнат дијалог со главните претставници на граѓанското општество, вклучувајќи ја и Светлана Тихановска, пренесува Дојче Веле сервисот на англиски јазик. Помпео го повика Лукашенко да го ослободи американскиот политички советник Виталиј Шкљаров, кој беше уапсен во Белорусија на 29 јули.

Во меѓувреме, белоруските државни медиуми јавуваат дека Лукашенко во разговорот со Помпео изјавил дека Белорусија и Русија ќе реагираат заедно на евентуално „надворешни закани и агресија“ што би ги загрозиле суверенитетот и независноста на Белорусија, но и го информирал Помпео дека во моментов во земјата се води „национален дијалог“.