fbpx

Помпео: Чувајте се од руското влијание и кинеската технологија

-

Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за учеството на Кина во полето на чувствителните технологии и нивната стратегија на подмитување при обезбедувањето на зделките. Претседателот Трамп во Обединетите нации рече дека иднината им припаѓа на суверени и независни држави, коишто ги штитат своите граѓани и ги почитуваат соседите. Северна Македонија го одразува овој дух. САД ќе продолжат да бидат партнер со вас за доброто на вашите граѓани, за регионот и за светот, рече државниот секретар на САД, Мајк Помпео во Охрид, по средбите со претседателот Стево Пендаровски и со владината делегација.

Помпео се заблагодари за придонесите на Северна Македонија во мисиите на НАТО и рече оти е уверен дека Сенатот на САД есенва ќе го ратификува протоколот за влез на земјава во НАТО.

– Сигурен сум дека Сенатот на САД оваа есен ќе го одобри Протоколот за членство, со што и формално ќе ви посакаме добредојде во Алијансата – рече Помпео.

Помпео ги поздрави Договорот од Преспа, како и Спогодбата за добрососедство со Бугарија. Истовремено, порача дека мора да продолжи борбата против корупцијата и напорите да се спроведува владеење на правото.

– Како водечка демократија во светот САД ги поддржуваат државите кои се борат за владеење на правото, а борбата против корупцијата е од клучна важност како за членството во НАТО и ЕУ, така и за вашите граѓани – рече државниот секретар на САД.

Помпео пристигна попладнево на охридскиот аеродром, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи Никола Димитров, а оттаму државниот секретар на САД се упати кон вилата „Билјана“, каде се сретна со претседателот Стево Пендаровски.

„САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакнал претседателот Пендаровски, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за постојаната поддршка од САД и во периодите кога земјата ги решаваше тешките прашања за внатрешната стабилност, како и постигнувањето на компромис за деценискиот спор за прашањето за името, во духот на добрососедството и регионалната соработка.

На средбата меѓу владината делегација и државниот секретар Помпео било нагласено дека останува силната и континуирана американска поддршка за финализирањето на постапката за полноправно членство во НАТО и за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ, соопшти Владата за средбата, во која, од македонска страна, покрај премиерот Зоран Заев, учествувале и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...