„Помислата дека утре ќе те нема, секој ден тивко убива“ – интервју со Бохдан Лохвиненко, новинар и активист од Украина

Лохвиненко е документарист, активист, новинар, писател, ТВ презентер, литературен критичар, уредник и јавна личност од Украина, кој во интервју со Канал 77 емотивно се потсетува на најдобрите пријатели, кои откако заминале на фронтот, само мал дел од нив успеале да се вратат живи

-

„Во овие речиси три години е тешко и болно да се зборува за каква било тема од општеството, а да не се спомене крвавата војна. Се разбира, иако се обидувате да бидете нормални и да ја завршувате вашата дневна рутина, сепак, секоја вечер заспивате со чувството на страв и несигурност, но и од помислата дека може да бидете убиени во секој момент од вашиот живот“, вели Бохдан Лохвиненко во интервју за „Македонски Медиа Сервис“ (ММС), кое го пренесуваме во целост.

Лохвиненко е документарист, активист, новинар, писател, ТВ презентер, литературен критичар, уредник и јавна личност од Украина, кој во интервју за Канал 77 емотивно се потсетува на најдобрите пријатели, кои откако заминале на фронтот, само мал дел од нив успеале да се вратат живи.

Вие сте писател, новинар, активист, ТВ презентер, литературен критичар, уредник, јавна личност. Во овие денови, месеци, па и години на војна во Украина, како се идентификувате себе? Со која од овие професии?

По почетокот на воениот конфликт, морам да кажам дека сега сум многу повеќе новинар и поголема јавна – влијателна личност, бидејќи во овој период работам премногу на создавање документарци и репортажи за воената агресија на Русија, и тоа директно од фронтот.

Дури и кога се обидувам да посветам време за пишување на стории за поинакви теми, или на пример за винариите во Украина, одново не можам да ја избегнам оваа трагедија, а да не се спомне за актуелната состојба и државата која веќе неколку години се наоѓа во војна, имајќи предвид дека веќе некои од сопствениците на винариите кои заминаа на фронтот, денес се убиени од Русите. Знаете, премногу е тешко и болно да се зборува за каква било тема од општеството без да се спомене крвавата војна.

Како е да се живее и работи во Украина во воени услови?

Да се живее и работи во период на воена состојба е доста непредвидливо и предизвикувачки. Иако се обидувате да бидете нормални и да ја извршувате вашата дневна рутина, сепак, секоја вечер заспивате со чувството на страв и несигурност, но и од помислата дека може да бидете убиени во секој момент од вашиот живот.

Иако постојат подвижни аларми затоа што Русите често бомбардираат особено во ноќите, сепак, не можете да бидете секоја вечер евакуирани и безбедни во засолништето наменето за вакви напади, па тоа создава континуирана доза на стрес и нервоза. Како и да е, се обидувате едноставно да продолжите да го живеете вашиот живот, да работиш колку што можеш ефективно и да се чувствуваш дека правиш нешто добро за својата земја се до нејзината потенцијална победа.

Фото: Лична архива

Колку војната ви ги ограничи можностите да творите, работите, патувате, да се среќавате со луѓе?

Во овие моменти не можам да патувам во странство, но тоа не е само затоа што сум маж, постојат повеќе причини, како и дека границите со месеци во Украина се затворени. Како активист можам да добијам покана и можам да добијам одобрение да одам во странство, но моментално, не можам да заминам од мојата држава, како да ви кажам, чувствувам дека сум потребен да бидам овде во границите на Украина. Додека се наоѓам овде мислам дека сум многу по корисен, бидејќи гледам што се случува во секој миг на секој дел од Украина, а потоа брзо ги обработувам таквите информации и ги пласирам во јавноста. Кога воениот конфликт го следите од блиску, постојано сте актуелен, често сте во комуникација со луѓе од останатите држави во светот и секогаш сте релевантен во пренесувањето на новите вести.

Иако властите во Русија се обидуваат да се прикажат како жртва, земја на културата, сепак, во овие години тие се покажаа како вистински убијци. Не само што убиваат физички, знаете, тие убиваат и ментално, а тоа е навистина тешко да се издржи. Иако ја извршувам мојата работа во вакви тешки услови, јас секој ден сум во комуникација со различни луѓе и тоа прави да се чувствувам многу побезбедно во Украина, отколку на кое било друго место во светот.

Украина имаше драматични настани во својата понова историја – Крим, Мајдан, сега и воената инвазија од Русија. Кои од овие настани ги доживеавте најтешко?

Мислам дека во Крим ми беше најтешко, а потоа, се разбира, регионите во Доњецк и Луганск. Иако е тешко да се направи избор, мене лично најмногу ме погоди воениот напад во Крим, регион каде што ги поминав сите лета со моите родители и место каде познавам многу луѓе и имам стекнато големи пријателства. Повеќето од нив веќе не се во Крим, откако почна војната дел од нив заминаа на фронтот, некои повеќе не се вратија и ги положија животите за својата татковина во војната, а други пак со своите семејства се евакуираа во останатите делови на Украина. Откако започна инвазијата на многу луѓе им се променија животите, за жал, тешко дека во брзо време ќе се вратат во нормала.

Како граѓански активист, какви се вашите размислувања – што може да направите да престане војната? Дали може да влијаете? Како може да им се помогне на луѓето?

Навистина не го знам одговорот на прашањето кога Украина ќе се врати во нормален живот, бидејќи знаете, тоа не зависи само од нас. Се разбира, можеби некои работи зависат од мене и од луѓето во нашиот тим или од новинарите, но многу работи зависат од глобалната ситуација, политиките на Русија, но секако и на нашата влада.

Единствено кај секој од нас постои само надеж, но и искрена желба дека оваа војна во најкус можен рок ќе престане и конечно ќе се вратиме на нормалниот живот, кој ни најмалку нема да биде лесен за адаптација. Во овие речиси три години, украинскиот народ доживеа тешка траума од големите загуби, па по завршувањето на војната ќе треба поминат уште неколку години за да ја рехабилитираме психолошката разранетост кај секој од нас, а тек потоа да кажеме дека конечно ќе можеме да отпочнеме да живееме нормално.

Искрено посакувам и се надевам дека барем следната генерација Украинци ќе живеат во нормален живот бидејќи минатиот век немаше ниту една генерација на Украинци која имаше нормален живот, имајќи предвид дека бидејќи Русите секогаш не тероризираа и убиваа. Можеби тоа беше скриено или не беше отворен конфликт, но тоа се случуваше со нашите граѓани постојано во минатото, како и денес во сегашноста.

Авторот на оригиналниот текст е Виктор Вукановски, а истиот може да се најде на овој линк.

Светските лидери му ја честитаа победата на Доналд Трамп

Светските лидери му ја честитаа победата на идниот претседател Доналд Трамп по победата на претседателските избори во САД, кој наскоро ќе се врати во Белата куќа по четири години. Претседателот...