fbpx

Поминаа пет, останаа уште 10 помалку неизвесни чекори до промени во Уставот

-

Промената во Уставот, процес кој не е ни малку лесен и едноставен, има вкупно 15 фази. Владејачкото мнозинство до сега ги помина првите пет чекори, а до целосното завршување на процесот остануваат уште два пати по толку – 10.

Најтешкиот чекор до сега, беше отворањето на Уставот, односно гласањето за потребата од уставни измени за кој беше потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници. Владејачкото мнозинство во петокот доцна вечерта успеа да обезбеди доволен број на пратеници па за предлогот на Владата гласаа 80 пратеници „за“, од кои осум пратеници од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

До измена на Уставот потребно е во два наврати да се гласа во две собраниски комисии, да има две гласања со апсолутно мнозинство од 61 пратеник и едно гласање со двотретинско мнозинство.

Следен чекор е подготвувањето на уставни амандмани, за кои Собранието ја задолжи Владата да ги изготви во рок од 15 дена од отворањето на Уставот, односно до 3 ноември. Но од Владата во неколку наврати потенцираа дека сакаат да го забрзаат процесот па најавија дека амандманите до Собранието ќе ги достават до петок.

По доставувањето во Законодавниот дом секој од амандманите преку кои ќе се интервенира во Уставот, ќе треба да поминат низ претрес во две собраниски комисии – Законодавно-правната комисија и Комисијата за уставни прашања каде треба да се изгласаат со мнозинство од пратениците кои се членови на Комисијата. За гласањето на нацрт-амандманите на пленарна седница во Собранието е потребна поддршка од апсолутно мнозинство од 61 пратеник.

Потоа следува јавна дискусија за нацрт-амандманите, по што се поднесуваат амандмани на нацрт-амандманите за кои се води претрес исто така во две комисии. Откако Собранието со апсолутно мнозинство од 61 пратеник ќе се изјасни за секој од амандманите на уставните амандмани, се закажува седница за измена на Уставот за која е потребно двотретинско мнозинство која е крајната фаза за изменет Устав.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...