fbpx

Polygraph.info: Изјавата на портпаролот Песков дека во Русија нема олигарси е невистинита

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Тврдењето на Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, дека во Русија нема олигарси е неточно, пишува познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info, анализирајќи една изјава на Песков пренесена од руската државна новинска агенција ТАСС.

Имено, на 10 јуни, одговарајќи на прашање дали руски олигарси ја финансираат опозицијата во Белорусија, како што претседателот на таа земја, Александар Лукашенко, обвини, Песков рекол:

„Не знаеме ништо за какви било руски олигарси, или за нивно постоење. Јас не знам ништо за постоење на олигарси во нашата земја. Тоа е прво. Исто така не знам што тие би можеле да направат во Белорусија. Тоа е второ“.

Според ТАСС, Песков ги опишал олигарсите како претприемачи што имаат политички аспирации и се подготвени да ги трошат своите пари за да остварат политичко влијание.

„Тврдењето на Песков дека не постојат олигарси во Русија е неточно. Не само што во Русија има олигарси туку и има многу докази дека ги користат своите пари за да вршат политичко влијание во странство“, порачува polygraph.info, потсетувајќи дека термините олигарси и олигархија му се припишуваат на филозофот и научник Аристотел.

Тој ја опишал олигархијата како форма на владеење во која мала бројка луѓе владеат со земјата само во полза на своите интереси.

Во Русија богати олигарси почнаа да се појавуваат по распадот на Советскиот Сојуз, а нивната економска и политичка моќ растеше во 1990-те, во текот на двата мандата на Борис Елцин. Откако тој лично го избра Владимир Путин за негов наследник на крајот на 1999 година, класата милијардери што вообичаено сите ја нарекуваат „олигарси“ остана впечатлив белег на руската економска и политичка панорама. Денес она што им е заедничко на најбогатите и најмноќните луѓе на Русија се блиските лични односи со Путин.

Еден пример е Владимир Потанин, кој во 2019 година беше прогласен за официјално најбогатиот Русин, со нето-богатство проценето на 22 милијарди американски долари, пишува polygraph.info.

Потанин, имено, е еден од најистакнатите олигарси од ерата на Елцин и беше вицепремиер на Русија во текот на вториот претседателски мандат на Елцин, а сега е личен пријател на Путин, и според она што се зборува, заедно играат хокеј. Во јавноста бил забележуван покрај Путин уште од 2000 година, кога Путин првпат стана претседател на Русија.

Но други луѓе имаат дури и потесни врски со Путин. Меѓу нив е Генадиј Тимченко, поранешниот спаринг – партнер во џудо на Путин, а којшто исто така е еден од најбогатите Руси. Тој беше ставен под санкции од САД во 2014 година, откако Русија го анектираше Крим од Украина.

Анектирањето му отвори дополнителни финансиски перспективи на Тимченко, кој пројавил интерес за изградба на мостот кој сега е познат како Кримскиот мост, а ги спојува Русија со полуостровот Крим. Сепак, подоцна Тимченко се повлече од проектот.

По тој чекор, договорот за изградба на мостот вреден 6 милијарди долари го доби „Стројгазмонтаж“, компанија во стоотстотна сопственост на Аркадиј Ротенберг. И за Аркадиј и за неговиот брат Борис се зборува дека се долгогодишни пријатели на Путин и негови спаринг партнери во џудо. Како и Тимченко, и тие беа ставени под санкции од САД.

Според соопштението на американското министерство за финансии од март 2014 година, тие остваруваат вносни договори со руската држава.

„Аркади Ротенберг и Борис Ротенберг обезбедуваа поддршка на проектите за кои се залагаше Путин, и реализираа скапи договори за Олимписките игри во Сочи и за државната компанија „Газпром“. Заработија милијарди долари од договорите со „Газпром“ и за Зимските олимписки игри, коишто им ги додели Путин. Двајцата браќа стекнаа огромно богатство во текот на владеењето на Путин. Добија приближно седум милијарди долари договори за Олимписките игри и нивното лично богатство само во последните две години се заголеми за 2,5 милијарди долари“, вели соопштението.

Во 2001 година Путин го назначи Алексеј Милер за главен директор на „Газпром“, кој е државниот нафтен гигант. Милер работел за Путин во 1990-те, кога Путин бил во градската управа на Санкт Петербург, а и денеска е на чело на „Газпром“, но и на листата олигарси кои САД во 2014 година ги ставија под санкции.

Тврдењата на Лукашенко дека руски олигарси ја финансираат опозицијата во Белорусија остануваат непотврдени, но има потврдени случаи за финансирање слични активности во други земји од страна на руски олигарски, посочува polygraph.info.

Посебно интересен од листата на олигарси е Константин Малофеев, основач на инвестициската група „Маршал Капитал“, има неколку невладини организации, а ја поседува и телевизијата „Царград“, која ги промовира руските интереси во странство, Тој исто така е на листата на санкции на САД поради вклученост во воените дејствија во Донбас, односно поради финансирање на сецесионистите, односно за „финансирање тероризам“. Но, санкциите не го спречиле да продолжи да го шири своето влијание.

„Малофеев е посебно активен на Балканот, односно Грција, Северна Македонија и Црна Гора. Во Северна Македонија, вработен во портал финансиран од Малофеев ги обучуваше проруските политички активисти за обидот да се блокира промената на државното име, со што би се отворил патот кон членство во НАТО и Европската Унија. Малофеев беше поврзан и со неуспешниот државен удар во Црна Гора во 2016 година“ пишува polygraph.info.

Евгениј Пригожин е уште еден богат Русин близок до Путин, кој е често обвинуван за вмешување во внатрешната политика на странски земји. Почнувајќи како сопственик на ресторани и на кетеринг-сервиси, Пригожин стекна богатство од договори со руското министерство за одбрана.

Во САД најмногу го поврзуваат со Internet Research Agency, еден од покрупните играчи во руската кампања во 2016 година да се повлијае на резултатите од претседателските избори во САД. Затоа Пригожин не само што беше ставен на листата на санкции, туку во 2018 година доби обвинение, кое го покрена американското министерство за правда. Во следната, 2019 година, американското министерство за финансии ги засили санкциите против Пригожин, целејќи кон негова и сопственост на шестмина негови соработници од Internet Research Agency.

Пригожин претходно бил еден од најголемите снабдувачи на Кремљ со продукти, а сега се смета дека раководи со „Вагнер Груп“, приватна компанија – воен контрактор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...