Полските критички уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер ќе работат на „Отворено студио“ во МСУ

Фото: МСУ

Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, едни од најзначајните полски и европски уметници од својата генерација, следниот месец ќе бидат гости на Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје.

Уметничкиот тандем е меѓу најважните претставници на таканаречената критичка уметност – карактеристична струја на полската уметност, која се заснова на критичка обработка на актуелните теми од јавниот живот.

Во рамки на нивниот престој од 1 до 14 јули, тие ќе работат на проектот „Отворено студио“ и заедно со кураторот Владимир Јанчевски ќе создаваат дела во еден од галериските простори на МСУ.

„Музејот е отворен за посетители во своите редовни термини од вторник до сабота од 10 до 17 часот и во недела од 10 до 13 часот. Оние посетители кои ќе дојдат во музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат можност да посведочат на процесот на работа на Жмијевски и Алтхамер. Исто така, посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали и со тоа да придонесат во создавањето на делата,“ се вели во соопштението од музејот.

Оттаму додаваат дека во текот на овие две недели колку што ќе креираат, уметниците ќе создадат околу 30 уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони и друго.

На 14 јули ќе биде отворена изложба со наслов „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година. Воедно светски познатите уметници ќе ги подарат делата од изложбата на Музејот на современата уметност – Скопје и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција на музејот.

Артур Жмијевски е визуелен уметник фокусиран на создавање инсталации,
составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Ова е трет пат да учествува на изложба во земјава, односно минатогодишната самостојна изложба во МСУ и претходно групна изложба.

Павел Алтхамер е визуелен уметник кој работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници.

Посетата на истакнатите полски уметници е овозможена преку Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје. Денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници што биле донирани во периодот 1964-1990 година.