Полскиот парламент со големо мнозинство го одби контроверзниот предлог-закон, кој предвидуваше целосна забрана на абортусот, а од владата соопштиле дека причината поради која министрите решиле да подразмислат околу законот биле масовните протести во земјата, јавува „Би-би-си“.

Членовите на парламентот со 352 гласови „против“, го одбиле законот за абортус, додека за него гласале 58 пратеници.

Законот беше предложен од граѓанска иницијатива која е против абортус, а која за предлогот собра 450.000 потписи.

Како што пишува „Би-би-си“, предложениот закон не бил поддржан од владејчката партија на Правото и правдата, со што пратениците во парламентот можеле слободно да гласаат.

Повеќе од 100.000 граѓани, претежно жени, во понеделникот протестираа против законот во повеќе градови во Полска и бараа од владата да го повлече предлогот. Солидарност со граѓаните на Полска искажаа и поддржувачите на женските права во Македонија, кои во понеделникот протестираа против законот пред полската амбасада во Скопје.

Полска веќе има еден од најстрогите закони за абортус во Европа, а со предложените измени, кои не поминаа во парламентот, беше предвидена забрана за сите абортуси, освен ако постои ризик по животот на мајката.

По доаѓањето на власт минатата година, партијата на Правото и правдата се најде под жестоки критики на Европската Унија, поради наметнувањето на владина контрола врз државните медиуми и реформите на Уставниот суд.