Полска собори дронови во својот воздушен простор со поддршка на воени авиони од НАТО, што претставува првпат една земја членка на алијансата да отвори оган во текот на војната во Украина, објавио Ројтерс.

Полскиот премиер Доналд Туск во парламентот изјави дека ова е „најблиску што сме биле до отворен конфликт од Втората светска војна“, но додаде дека „нема причина да веруваме дека сме на работ на војна“.

Полска соопшти дека 19 објекти навлегле во нејзиниот воздушен простор за време на голем руски воздушен напад врз Украина и дека биле соборени оние што претставувале закана. Туск го нарече инцидентот „широкораспространета провокација“ и го активираше член 4 од Договорот на НАТО, кој предвидува консултации сојузници во вакви ситуации.

Портпарол на НАТО потврди дека генералниот секретар Марк Руте е во контакт со полското раководство. Извор од алијансата изјави дека инцидентот не се третира како напад, туку како намерна повреда на воздушниот простор. Во операцијата биле вклучени полски Ф-16 авиони, холандски Ф-35, италијански извидувачки авиони AWACS и авиони за полнење гориво во воздух.

Москва ги отфрли обвинувањата како „неосновани“ и тврди дека Полска не доставила доказ дека соборените дронови биле со руско потекло. Според Туск, дел од беспилотните летала влегле во полскиот воздушен простор директно од Белорусија.

Воениот команден штаб на Полска ги предупреди жителите од источните региони да останат во своите домови. Неколку аеродроми беа привремено затворени, меѓу кои и оној што служеше како главна точка за пристап на западни официјални лица и за испорака на помош кон Украина.

Европската унија и НАТО повикаа на силен одговор. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека „влегувањето на руските дронови во европскиот воздушен простор било намерно, а не случајно“. Таа нагласи: „Војната на Русија ескалира, не завршува. Мора да ја зголемиме цената за Москва и да инвестираме во одбраната на Европа“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија во текот на ноќта употребила 415 дронови и 40 ракети врз Украина, од кои најмалку осум ирански „шахед“ биле насочени кон Полска. „Ова е исклучително опасен преседан за Европа“, рече Зеленски, повикувајќи на заеднички одговор од Украина, Полска, Европската унија и САД.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави нов пакет санкции против Русија, вклучувајќи мерки за трети земји што купуваат руска нафта.

Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски повика НАТО да ја засили воздушната одбрана на својата источна граница.

Според украинската армија, речиси целата територија на земјата, вклучително и западните региони Волин и Лвив кои граничат со Полска, била под воздушна тревога во текот на ноќта.

Американскиот државен секретар Марко Рубио бил брифиран за настаните, додека Белата куќа сè уште нема официјален коментар. Во меѓувреме, претседателот на САД Доналд Трамп, кој во август имаше средба со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска, најави дека е подготвен за „втора фаза“ санкции кон Русија, што би можело да значи заострување на економскиот притисок врз Москва.