Полските и сојузничките воздухопловни сили беа активирани рано утрово за да го обезбедат полскиот воздушен простор, откако Русија изврши воздушни напади врз западниот дел на Украина, во близина на границата со Полска, соопштија вооружените сили на земјата-членка на НАТО.
„Полските и сојузничките авиони оперираат во нашиот воздушен простор, додека копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување се ставени во највисока состојба на готовност“, се наведува во објава на Оперативната команда на полските вооружени сили на платформата Х.
Во 03:40 часот наутро, на речиси целата територија на Украина се слушаа сирени за воздушна опасност кога украинските воздухопловни сили предупредија на руски напади со ракети и дронови.
Околу 05:00 часот по локално време, воздушната операција на Полска и нејзините сојузници беше прекината, откако руските воздушни напади завршија. Полската команда појасни дека активностите биле „превентивни и насочени кон обезбедување на воздушниот простор во региони блиску до загрозената област“.
Овој потег уследи откако Русија истрела 40 ракети и околу 580 дронови во „масовен напад“ врз Украина, при што загинаа три лица, а десетици беа повредени, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Секој таков напад не претставува воена неопходност, туку е намерна стратегија на Русија за тероризирање на цивилите и уништување на нашата инфраструктура“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, повикувајќи ги сојузниците на Киев да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана и да воведат нови санкции кон Москва.
Шефот на регионалната воена администрација на Киев, Микола Калашник, изјави дека „непријателот напаѓа со ударни дронови и ракети. Под напад се мирни населени места во регионот“.
Градоначалникот на Миколаив соопшти дека јужниот украински град исто така бил цел на напади со дронови и ракети, но дека нема жртви.
Од другата страна, руските власти тврдат дека нивните сили одбиле „масовни“ украински напади во регионите Волгоград и Ростов, при што едно лице било повредено во соседната област Саратов.
Руските трупи со месеци водат борби во источна Украина, обидувајќи се да воспостават целосна контрола врз регионите Доњецк и Луганск.
Надежите за примирје избледеа откако минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп одржа одделни средби со својот руски колега Владимир Путин и украинскиот претседател Зеленски.
