Половина од вработените од кочанскиот Центар за вработување биле прераспределени на нови работни места во соседните градови. Со доставените решенија, шестмина вработени се прераспределени. По двајца од вработените сега на работа одат во Штип и во Кратово, а по еден во Берово и во Пробиштип.
Еден вработен од Пробиштип е прераспределен на работа во Кочани. По пишувањето на медиумите, дел од прераспределените биле вратени на старите работни места во Кочани, но дел од нив сè уште патуваат во центрите во соседните градови.
Од Агенцијата за вработување одговорија дека прераспределбата е според Законот за работни односи и според новиот Закон за државни службеници. Оттаму објаснуваат дека законот пропишува дека вработените во администрацијата не се врзани за работните места во матичните градови и во секое време може да бидат упатени на работни места во други градови.
Прерараспределба најавуваат и за дел од вработените во други центри за вработување во земјава, како што се Скопје, Велес, Гостивар, Тетово.
Овој потег од Агенцијата за вработување го поткрепуваат со интерната анкета, која покажала дека вработените само делумно ја познаваат својата работа, поради што имало потреба преку привремено распоредување, да стекнат нови знаења и искуство.