Фото: Арбнора Мемети

Речиси половина од службените лица во институциите – иматели на информации минатата година биле поканети, но не присуствувале на бесплатните обуки за постапување по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер објави загрижувачки податоци, кои велат дека 71 службено лице од 61 субјект присуствувале на организираните обуки, додека службените лица од 56 институции не се одзвале на поканата за бесплатна обука.

На објавениот список на Агенцијата на службени лица кои не присуствувале на обуките, можат да се најдат политички партии, меѓу кои и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и владејачката ДУИ, јавни претпријатија, општини, спортски федерации, државни институции, вклучувајќи ги и Министерствата за надворешни работи, за здравство, за политички систем и односи меѓу заедниците и за труд и социјална политика.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во 2020 година одржа вкупно 15 обуки, од кои 5 биле одржани со физичко присуство, додека останатите биле организирани онлајн. Тие се разочарани од игнорантскиот однос на дел од службените лица кон законот кој го штити уставното право на граѓаните да бидат информирани за работата на институциите, а воедно е еден од столбовите за спречување на корупцијата.

„Сакаме да потенцираме дека обуките кои ги организира и ги споделува Агенцијата се бесплатни и оттука апелираме до службените, а пред се одговорните лица кај имателите на информации, во периодот во кој ќе следуваат нови обуки, да се пријавуваат на истите на електронската адреса: [email protected], која Агенцијата ја отвори со цел службените лица самоиницијативно да се пријавуваат за учество на обуките, од причини што преку нив ќе се запознаат со постапката за подобра имплементација на Законот за СПИЈК, а се во интерес на граѓаните и нивното право да знаат што работат институциите“, се вели во објавената Анализа на одржаните обуки за службените лица во 2020 година на Агенцијата.

Како иматели на информации, за кои се држат бесплатните обуки за постапување по барањата на граѓани, организации, медиуми и други субјекти, се вклучени државните институции, судската власт, општините и центрите за развој на плански региони, јавните претпријатија и установи, здравствените установи, образовните институции, политичките партии и правните и физичките лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес.