Полошки Регион: Истите компании ги санираат патиштата, ги одржуваат семафорите, ги чистат реките, па и снегот

Фото: Порталб.мк

Седум општини од Полошкиот Регион потрошиле близу 340 илјади евра за одржување на патиштата во текот на зимата 2024-2025 година. Порталб ги истражуваше склучените договори за оваа намена и произлезе дека и покрај тоа што потрошила најмногу пари, и тоа 120 илјади евра, Општина Тетово не го објавила договорот во онлајн системот за јавните набавки. Гостивар е втор по трошоците за чистење на снегот. Компаниите што ќе го чистат снегот во Полошкиот Регион се редовни клиенти на општините каде што го добиле тендерот, честопати за различни работи. 

Изгледа дека зимата е омилена сезона за компаниите што се занимаваат со чистење на патиштата од снегот, особено за оние што се блиски до локалната власт. За оваа намена се издвојуваат големи суми, а зимата трае неколку денови. 

Многу „мултифункционални“ компании во Полошкиот Регион 

Поголемиот дел од компаниите што се занимаваат со чистење на патиштата од снегот, се редовни клиенти на соодветните општини. Дел од нив во изминатиот период добиваа тендери за асфалтирање на патиштата, за санирање на дефектите во водоводната мрежа и за одржување на семафорите. 

Најголем дел од компаниите што го добија тендерот за чистење на патиштата, имаат по едно или две пријавени вработени лица. 

Општина Тетово 

Тетово има потрошено вкупно 7,4 милиони денари или 128.409 евра за зимско одржување на патиштата. За чистење на патиштата од снегот 80.459 евра, а за снабдување со сол и песок 47.950 евра. 

Portalb податоците за тоа ги обезбеди од извори во Општина Тетово по неколку обиди, бидејќи договорот не е објавен во онлајн системот за јавните набавки и покрај законската обврска. 

Компанијата што го доби овој тендер е „Еко-пеу“, која е основана истата година кога за градоначалник беше избран Билал Касами, а е една од трите компании во сопственост на семејството Бајрами, кои се добитници на тендери со милионски суми од Општина Тетово. 

Portalb.mk претходно пишуваше за бизнисмрежата на семејството Бајрами. 

Не се знае дали имало други понудувачи, но според историјата на минатите тендери, „Еко-пеу“ очигледно е една од омилените компании на Општина Тетово. Компанијата што има само шест вработени лица, има добиено десетици тендери од оваа општина за различни работи, како асфалтирање на патиштата, нови водоводни приклучоци и изградба на кружните текови. 

На пример, само во текот на 2023 година, оваа компанија од Општина Тетово добила вкупно 9 тендери во вредност од 981.427 евра. 

Приказ на дел од тендерите што ги добила компанијата „Еко-пеу“

Општина Гостивар 

Гостивар потрошил вкупно 5,9 милиони денари или 95.913 евра за одржување на патиштата и за снабдување со сол и песок во текот на зимата. 

Ниту Општина Гостивар го немаше објавено договорот во онлајн системот за јавните набавки, тоа е направено еден ден откако го побара Порталб. 

Компанијата што го доби овој тендер е „Магнум транс“, исто така редовен клиент на Општина Гостивар, а во изминатиот период се занимаваше со асфалтирање патишта, градење мостови, уривање објекти и слично. 

И покрај тоа што сумата на тендерот може да изгледа висока, само оваа компанија беше пријавена на огласот на Општина Гостивар, односно немаше други понудувачи. 

Приказ на дел од парите пуштени во „Магнум транс“ од Општина Гостивар, од 2021 година.

Општина Желинo 

Желинo има потрошено вкупно 1,2 милиони денари или 19.507 евра за чистење на патиштата од снегот во текот на зимата. Договорот не е објавен во онлајн системот за јавните набавки, а Порталб ги доби податоците од извори во општината. 

Компанијата што го доби овој тендер е „Ферна-транс“ со седиште во Желино. Оваа компанија во минатото добила тендери од општините Јегуновце и Македонски Брод, не може да се каже дека е редовен клиент на Општина Желино. 

„Ферна-транс“ изгледа дека е мултифункционална компанија, бидејќи се занимава со многу различни работи, а не се знае дали ова е првпат што чисти патишта, бидејќи Општина Желино во претходните години имала склучен договор со друга компанија. 

Исто така, бидејќи договорот не е објавен, не се знае дали имало и други понудувачи на овој оглас. 

Од Општина Желино не одговорија на новинарските прашања на Порталб.мк за тоа зошто не го објавиле договорот во електронскиот систем. 

Општина Теарце 

Теарце има потрошено вкупно 1,4 милиони денари или 24.019 евра за чистење на патиштата од снегот за сезоната 2024-2025 година. 

Компанијата што го доби овој тендер е „Урбан план констракшн“ (Urban Plan Construction) и е редовен клиент на Општина Теарце, бидејќи во изминатиот период добиваше тендери за чистење на речното корито, асфалтирање на патиштата, изградба на фекалната канализација и слично. 

Урбан план констракшн“ го доби овој тендер без конкуренција, односно беше единствениот понудувач на огласот што го објави Општина Теарце. Истата компанија и претходните години ја вршеше оваа услуга за Општина Теарце. 

Не се знае дали и другите компании би имале шанса да се „конкурираат“ со оваа компанија, бидејќи самиот градоначалник на Општина Теарце, Нухи Незири, во изминатиот период објавуваше фотографии со сопственикот на оваа компанија, Сејди Шасивари, како ги чека Талат Џафери и Бујар Османи во Теарце, неколку месеци пред изборната кампања. 

Фотографија преземена од профилот на градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири.

Општина Јегуновце 

Општина Јегуновце нема објавено огласи за одржување на патиштата во текот на зимата, бидејќи тоа го прави со сопствените возила. За оваа намена издвоила 300.000 денари или 4.870 евра за 2024-2025 година. 

Станува збор за мала општина со околу 10 илјади жители. 

Општина Маврово и Ростуше 

Маврово има потрошено вкупно 3,1 милиони денари или 52.264 евра за чистење на патиштата во текот на зимата. Оваа општина има склучено два договора за оваа намена, и тоа еден договор во вредност од 22.531 евра за Мавровскиот и Горнореканскиот Регион и еден договор во вредност од 29.733 евра за Долнореканскиот Регион. 

Договорите се потпишани на ист датум, но со две различни компании, и тоа „Јан констракшн“ (Jan Construction) со седиште во Брвеница и „Балкан турс“ со седиште во Маврово и Ростуше. И двете компании не се познати како редовни клиенти на оваа општина. 

Горенаведените компании не беа единствените пријавени на овој тендер. На првиот оглас имаше три понудувачи, додека на вториот имаше два, а на крајот беа избрани компаниите со најповолните понуди. 

Општина Врапчиште  

Општина Врапчиште има потрошено вкупно 1,4 милиони денари или 23.000 евра за чистење на патиштата во текот на зимата. 

Договорната компанија за ова е „Арби-транс“, истата како и минатата година. Оваа компанија е редовен клиент на Општина Врапчиште и е мултифункционална компанија, бидејќи во изминатиот период добила тендери за реконструкција на патиштата, хортикултурно уредување на шеталиштата и слично. 

„Арби-транс“ беше единствениот понудувач на овој оглас. 

Приказ на дел од тендерите што ги добила компанијата „Арби-транс“ 

Податоците Portalb ги има обезбедено преку веб-страницата за јавните набавки и изворите во соодветните општини, бидејќи сите општини не ја исполниле законската обврска да ги објавуваат потпишаните договори онлајн. 

Инаку, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), за оваа зима државните институции во земјава склучиле договори за јавните набавки за зимско одржување на улиците и на патиштата во вредност од 219 милиони денари или 3.569.106 евра. 

 

 

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Граѓаните во акција: За подобри локални услуги без корупција“. Проектот се реализира со поддршка на програмата „Граѓаните против корупцијата“, која ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Центарот за граѓански комуникации, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Стопанската комора на Северна Македонија, 360 Степени, Истражувачката репортерска лабораторија Македонија и Балканската истражувачка репортерска мрежа Македонија. Финансирана е од Агенцијата на САД за меѓународен развој.