Полицискиот синдикат и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, утре во 11 часот ќе имаат заедничка прес-конференција на која ќе ги изнесат деталите од мерката за зголемување на платите на униформираните и овластени службеници на МВР, што вчера на собирот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип ја најави премиерот Никола Груевски.

Ова за „Мета“ го потврди претседателот на Полицискиот синдикат, Тихомир Климовски, кој вели дека мерката што ја најави Груевски е финиширање на разговорите и на преговорите меѓу синдикатот и Министерството, кои биле во тек подолг период.

– Полицискиот синдикат неколку години наназад укажуваше на разликите во платите во јавниот сектор. Посочивме дека одредени структури предничат со платите, како што се тоа Упрвата за јавни приходи (УЈП) и Царината. Опасноста на која се изложуваме и спецификите на нашата беа несоодветни со оваа состојба со платите. Владата и Министерството покажаа разбирање за нашите барања за порамнување на платите. Овој процес требаше да се релизира лани, но работите малку ни ги одложија изборите, кога не се дозволени вакви активности – вели Климовски.

На прашање на „Мета“ дали активностите на опозицијата и објавувањето на „бомбите“ во дел од кои се споменуваат и состојбите во полицијата, влијаеле на мерката за зголемување на платите на полицајците, Климовски вели дека тоа е чиста коинциденција.

– Усогласувањето на платите беше најавено уште лани и тогаш немаше никакви „бомби“, а ние не сме видовити, па да знаеме што ќе се случува. Тоа што опозицијата или кој било презема некакви активности, со зголемувањето на платите е „чиста коинциденција“ – вели Климовски.

На вчерашниот собир, меѓу другото, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, најави зголемување на платите на униформираните службеници во МВР и нивно усогласување со платите на униформираните службеници во Царината, во период од април 2015 до декември 2017 година.

– Вкупното зголемување на платите за периодот април 2015 – декември 2017 ќе изнесува од 15 до 20 отсто, односно околу 3.000 денари по работник месечно. Мерката почнува да се применува веднаш, односно со исплатата на платата за април 2015 година, што ќе се исплати во мај. Платите што ќе се исплатат во мај ќе бидат повисоки од исплатените во април за околу четири-пет осто, зависно од почетната основа. Благодарност до македонската полиција. Ние сме должни кон нив и благодарни за тоа што го прават. Нека им е аирлија! – рече Груевски.

Од СДСМ, најавата на Груевски ја окарактеризираа како „врв на неговата хипокризија“.

„По студентите, наставниците, хонорарците, волонтерите, сточарите, клекна Груевски и пред оние што ги користеше за партиски цели против сопствениот народ“, стоеше во реакцијата на СДСМ.