Во вчерашната акција за контрола на автобусите и другите возила од јавниот превоз во Скопје, полицијата исклучила од сообраќај 14 aвтобуси, соопшти МВР. Од ЈСП Скопје за „Мета“ објаснија дека во таа бројка нема нивни автобуси.

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) контролата ја спровело од 8 до 13 часот, при што биле исконтролирани 49 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз. Сите биле упатени на вонреден технички преглед, при што биле констатирани вкупно 16 неисправности или недостатоци.

Кај осум возила бил неисправен уредот за кочење, кај две уредот за управување, три имале неисправни светлосно-сигнални уреди, а едно неисправни останати уреди, додека две возила немале комплетна опрема.

МВР извести дека се преземени 44 мерки, односно 12 барања за поведување прекршочна постапка, 18 прекршочни платни налози, а 14 возила се исклучени од сообраќај.

Како што за „Мета“ објасни Деспина Трајковска – Димова од ЈСП Скопје, во акцијата не биле контролирани нивни автобуси, односно сите од исклучените 14 се од на „Макекспрес“ и „Слобода  Превоз“. Автобусите на ЈСП Скопје и вчера и денеска сообраќаат нормално, објаснува Трајкова.

МВР по трагичната несреќа кај Ласкарци, која однесе 15 животи, правеше вонредни контроли и во Гостивар, при што исклучи три автобуси. Бројот на исклучени вчера во Скопје е повеќе од четири и пол пати поголем.