Двајца браќа и уште едно непознато лице, вчера вечерта во кумановското село Лопате нападнале и претепале три лица, кои по инцидентот биле пренесени во Медицинскиот центар во Куманово, за укажување лекарска помош.

Инцидентот се случил околу 19.45 часот, а му претходела расправија меѓу браќата и нападнатите. Според полициските информации, браќата Ф.А. (33) и Ф.А. (30) и непознатото лице со автомобил, марка „фолксваген венто“, го попречиле патот на возило „фолксваген шаран“, со австриски регистарски ознаки, во кое биле В.З. (18), неговиот брат Ф.З. (18) и Р.А. (20). Напаѓачите веднаш излегле од возилото, а еден од нив со рачка од пиштол почнал да удира во страничното стакло на возачката врата на „шаранот“. Во тој момент, В.З., кој бил зад воланот на автомобилот, се обидел да побегне, но удрил во заштитна ограда, по што напаѓачите веднаш им се нафрлиле, а кај еден од нив била констатирана повреда на главата од тврд предмет.

Екипи на СВР Куманово извршиле увид и сè уште трагаат по тројцата напаѓачи.