Двајцата независни пратеници во унгарскиот парламент, претпладнево од страна на обезбедувањето беа избркани од објектот на унгарската државна телевизија, каде сакаа да прочитаат петиција.

Инцидентот се случи неколку часа по синоќешните големи протести против режимот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, на кои во Будимпешта полицијата фрлаше солзавец.

Двајцата пратеници со опозициска ориентација беа дел од групата од десет пратеници кои ноќта ја минаа во унгарската државна телевизија.  Во петицијата, инаку се наведуваат барањата од вчерашните протести, кои се одржаа и во главниот град Будимпешта, но и во голем број градови во Унгарија. Се бараше повлекување на новиот закон за работата, кој е наречен „робовски закон“, но се повторија и досегашните барања за независност на јавните медиуми и за приклучување на унгарската канцеларија на обвинителството на ЕУ.

Вчера на најголемиот протест, во Будимпешта, под мотото „Среќен Божик, господине премиер!“ околу 10.000 демонстранти учествуваа на четвртиот и најмасовниот протест во последната седмица, кои се одржуваат поради сè поавторитарното владеење на Орбан. Протестната прошетка се одвиваше мирно сè додека полицијата не употреби солзавец пред објектот на унгарската државна телевизија. Потоа групата од 10 пратеници влезе во телевизијата, а надвор останаа другите демонстранти.