Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека „превентивно е подигнато нивото на безбедност за да им се обезбеди сигурност на граѓаните“, а тоа се потврдува и деновиве на спортски настани, јавни собири и концерти кога повеќе од забележливо е присуството на редовните и специјални полициски единици и строг режим на контрола на посетителите на манифестациите.

Зголемено присуство на полицијата имаше и на концертите на Ѓорѓе Балашевиќ и Вајтснејк кои ги организираше „Авалон продукција“, едниот на 14 ноември, веднаш по терористичкиот напад во Париз и вториот кој се одржа оваа среда.

Спортската сала „Борис Трајковски“ каде што настапија светските мега ѕвезди Вајтснејк беше опколена со полиција. Пристапот за возила до паркиралиштето кај салата беше забранет, а на подвозникот кај хотелот „Александат Палас“ имаше полиција која не дозволуваше ниту таксисти да пријдат кон салата.

На влезот пред салата обезбедувањето со метал-детектор ги проверуваше посетителите, а внатре во објектот речиси на секој агол имаше по неколку припадници на Единицата за брзо распоредување.

Како што дознаваме од неофицијални извори, внатрешноста на салата пред концертот на Вајтснејк била проверена и со полициски кучиња. Полицајците заедно со кучињата ги проверувале соблекувалните, тоалетите и трибините во салата.

Идентична беше и сликата пред спортската сала „Јане Сандански“ пред ракометниот натпревар Вардар-Барселона.

Вечерва се очекува зголемено ниво на безбедност да има и во трговскиот центар „Сити мол“ кој ќе се приклучи на традиционалните американски попусти за црн петок кои создаваат огромен метеж во продавниците.

– Имаме превентивно подигнато ниво на безбедност за да им обезбедиме сигурност на граѓаните на Република Македонија. Во тој правец МВР интензивно ќе продолжи да соработува со сите други министерства за да можеме превентивно да делуваме за сите можни ризици – рече Спасoвски на прес-конференцијата со неговиот хрватски колега Ранко Остојиќ.

Засилените мерки на безбедност МВР ги најави еден ден по терористичките напади во Париз, по состанокот на Спасовски со највисокото раководство на министерството и информираше за подигнувањето на нивото на безбедност и мобилност на полицијата.

На состанокот иако било констатирано дека во моментов не постои конкретна закана по безбедноста, сепак се донесени повеќе заклучоци и одлука за нивна итна реализација.

„Меѓудругото, ќе биде зајакната безбедноста во и околу објектите кои се во функција на полицијата, ќе бидат зајакнати мерките и активностите при обезбедување на јавни собири и спортски манифестации на кои има присуство на поголем број на граѓани, како и зајакнување на контролата над мигрантите кои остваруваат влез во Република Македонија, а посебно во привремениот транзитен центар во Гевгелија како и на северната и јужната граница опфатени со Одлуката за прогласена кризна состојба“, беше наведено во соопштението по средбата на раководството на МВР.

Зголемено ниво на безбедност во „Сити мол“ имаше и викендот по нападите во Париз.

– Изминатиот викенд во трговскиот центар „Скопје сити мол“ се забележуваше зголемено присуство на полицајци кои носеа пушки. Во трговскиот имаше многу гужва, а полицијата можеше да се забележи пред влезот на трговскиот и внатре меѓу луѓето кои љубопитно се прашуваа дали зголеменото присуство на полицијата значи дека постои некоја опасност – вели Моника Ангеловска.

Пред нападите во Париз, подигнато ниво на безбедност и заселена мобилизација и состојба на готовност на безбедносните сили имаше по случувањата во Куманово од 9 и 10 мај, оваа година.