Синоќа, околу 20.30 часот полициски службеници спречиле обид за криумчарење на мигранти кај селото Василево. Како што информираат од МВР, полицајците во возило, марка „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, пронашле осум мигранти, од кои шестмина биле со потекло од Пакистан и двајца од Ирак, односно од Либија.

Возачот успеал да побегне и полицијата презема мерки за негово пронаоѓање и расчистување на случајот.

Според МВР, шестмина од мигрантите имале документи издадени од грчките власти.

По наредба на Јавен обвинител тројца од мигрантите се пренесени во Прифатниот центар во Скопје, а останатите петмина биле сместени во Транзитниот центар во Гевгелија.

Од МВР иформираат дека синоќа на граничниот премин „Табановце“ во автомобил марка „фолксваген“ бил откриен 20-годишен државјанин на Сирија.

Тој, според полицијата, бил сокриен во импровизиран кревет покриен со душек и ќебиња, а кај себе имал грчки документ за поднесено барање за азил.

Сирискиот државјани, ноќеска бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за натамошна постапка.