Полицаец синоќа со службениот пиштол застрелал двајца малолетници во Струмица, од кои едниот со тешки повреди бил хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ), а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.
Од Јавното обвинителство соопштија дека денеска надлежен јавен обвинител од ОЈО Струмица ќе продолжи со увидот во близина на Градската капела во Струмица, каде се случил инцидентот.
Според првичните информации, што ги соопшти обвинителството, до инцидентот дошло кога екипи од СВР Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово.
Малолетниците на два пати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. Од обвинителството велат дека и понатаму се работи на расветлување на начинот на кој дошло до пукањето.
„Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош уште синоќа беше префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Во увидот се вклучени екипи од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи од Скопје, а издадени биле и наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии (отисоци од прсти) подигнати на местото.
Од сите инволвирани во инцидентот биле земени примероци од крв и урина и парафински ракавици, а полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во полициската станица во Струмица.
Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство Струмица ќе бидат сослушани сведоци на настанот.