Војната во Украина сè повеќе се прелева во Црното Море, создавајќи растечки безбедносен и комерцијален ризик за Европа. Дронови погодуваат бродови и убиваат екипажи а осигурителите и инвеститорите ги проценуваат ризиците, објави Политико.

Само во изминатата недела, пет трговски бродови беа погодени во бугарски и романски води, при што најмалку четири лица загинаа, неколку лица се водат како исчезнати, а други се повредени. Како одговор, Бугарија, Романија и Турција го покренале прашањето во НАТО, барајќи поголемо внимание кон регионот и заедничка поддршка, велат двајца дипломати од Алијансата.

„Нападот во ексклузивната економска зона на Бугарија е апсолутно неприфатлив. Тој претставува сериозно кршење на поморското и меѓународното право и дополнително ќе ја загрози безбедната пловидба во Црното Море“, изјави бугарскиот премиер Румен Радев по нападите минатата недела.

Русија ги напаѓа украинските пристаништа и градови во регионот од почетокот на целосната инвазија. Но, последните напади го проширија конфликтот и на територија на НАТО. Доколку продолжат, лидерите на ЕУ ќе бидат под зголемен притисок да ја заштитат пловидбата во Црното Море и да овозможат непречено одвивање на украинската трговија.

Овие прашања ќе бидат во фокусот на самитот на Европскиот совет во четврток. Според нацрт-заклучоците до кои дошол „Политико“, лидерите се очекува да разговараат за „итно воспоставување безбеден премин за бродовите што превезуваат жито“.

Русија не е единствената страна што користи поморски дронови во Црното Море. Украина, исто така, ги користи против бродови поврзани со Русија. Во јуни, украински поморски дрон експлодираше во романското пристаниште Констанца, откако Киев соопшти дека дронот скршнал од курсот поради руско електронско попречување.

„Ситуацијата во Црното Море е прилично опасна бидејќи нападите доаѓаат од двете страни“, изјави претставник на ЕУ од секторот за поморски транспорт, кој побарал анонимност за слободно да зборува. „Мора да се грижите и за двете страни.“

Утврдувањето на одговорноста за нападите исто така може да биде тешко. Бугарскиот премиер Румен Радев во средата изјави дека истрагите сè уште не докажале дека Русија стои зад нападите, иако некои неговата воздржаност ја припишуваат на неговиот генерално поблаг став кон Кремљ.

Операциите со дронови и од страна на Русија и од страна на Украина веројатно ќе продолжат сè додека двете страни имаат финансиски средства и производствен капацитет за нивно одржување, изјави Кристијан Влас, помошник-истражувачки менаџер за Источна Европа во истражувачкиот центар ACLED.