Политики за вработување по мерка на младите, бара Коалицијата на младински организации „СЕГА“

фото: Dylan Gillis на Unsplash

По повод 12 Август,  Меѓународниот ден на младите, Коалицијата на младински организации „СЕГА“ го промовираше Позицискиот документ за младинско вработување, кој содржи препораки за подобрување на политиките за справување со младинската невработеност, кои што во изминатиов период биле заеднички дизајнирани од страна на младите, граѓанските организации и донесувачите на одлуки.

Во документот се наведува дека невработеноста и социјалната инклузија претставуваат сериозен предизвик со кој државата се соочува во континуитет, а посебно маргинализираните млади лица.

„Производ на оваа состојба е и фактот што младите (15-29 години) се соочуваат со низа проблеми за влез на пазарот на трудот како што се: несоодветност на стекнатите знаења и вештини во формалниот образовен процес со реалните потреби на пазарот на трудот, долгиот просечен период за премин на младите лица од училиште на работа (2,5 години), како и недоволниот и квалитетен број на слободни работни места. Уште поголем проблем претставува големиот број од 130.000 млади лица кои не се во образовен процес, не се вработени, ниту се во процес на обуки“, велат од Коалицијата „СЕГА“.

Фокусот на документот  е ставен на подобрување на активните мерки за младинско вработување во форма на препораки, релевантни на барањата и потребите на младите.

Во согласност со позицијата утврдена со овој документ, „СЕГА“ ги повикува надлежните институции во полето на младинско вработување да ги вградат препораките на младите и граѓанските организации во насока на максимално искористување на постоечкиот младински потенцијал преку зголемување на обемот на мерки кои се поатрактивни за младите лица и да ги вклучат младинските организации при дизајнирањето на политики за вработување, а особено при програмирањето на новиот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година.

„Меѓу другото, некои од препораките кои младите сметаат дека треба сериозно да се земат предвид при идните процеси на креирање политики за младинско вработување се: значително зголемување на соработката и системската комуникација на Министерството за образование и наука со бизнис заедницата и стопанските комори во насока на креирање програми кои ќе овозможат стекнување на практични работни вештини кај младите; поголема отвореност и достапност на институциите за социјално ранливите категории и НЕЕТ млади преку меѓу-секторска соработка во делот на размена на информации на пазарот на трудот; да се зглеми улогата на младинските организации при дизајнирање и спроведување на Гаранцијата за млади како и во процесот на оценување на ефектите од истата; и младинските центри, заедно со граѓанскиот сектор, задолжително да воведат програми за вработливост за млади во ризик“, велат од Коалицијата „СЕГА“.

Коалицијата „СЕГА“ е национална мрежа на младински организации, со повеќе од 17 години искуство во лобирање за потребните законски промени за младинско учество, информирање, вработување и активизам. Како што велат од таму, работат и на развивање и примена на младински политики на локално и национално ниво и ги поврзуваат младинските организации со цел активирање на младите и подобрување на условите за нивен личен и професионален развој во Република Северна Македонија.