fbpx

Политиката во земјава во 2022 година: Без волја за соработка, со континуирани барања за избори

-

Од политички аспект, 2022 година беше една мирна година, со континуирани барања од опозициските партии, главно од ВМРО-ДПМНЕ, за одржување на предвремени парламентарни избори, кои Владата не ги прифати, и според нив, нема да има други избори освен оние редовните во 2024 година. По поразот на СДСМ на изборите во октомври 2021 година, кои беа причина за тогашниот премиер Заев да поднесе оставка, на чело на извршната власт дојде Димитар Ковачевски, чија влада беше изгласана на 16 јануари 2022 година. Доби поддршка од 62 пратеници, 46 беа против, а немаше воздржани. Новата влада пред себе имаше бројни предизвици, вклучувајќи ја пандемијата, енергетската криза како и решавањето на спорот со Бугарија, пренесува Порталб.мк.

Владата на Ковачевски беше изгласана под притисок 

Пред изборот на новата влада, петмина пратеници на владината коалиција предводена од СДСМ подршката за новата влада ја условија со барањето да во рок од три месеци во Собранието на РСМ се изгласаат измените на Изборниот Законик. Но, иако тоа не се случи, тие сепак ја подржаа новата влада.

Од друга страна пак, уште од јануари лани, ВМРО-ДПМНЕ побара предвремени парламентарни избори, првично со образложение дека земјата ѝ прави големи отстапки на Софија по прашањето за евроинтеграциите. Кога ова прашање беше привремено затворено со одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ и почетокот на скринингот, ВМРО почна да бара избори поради, како што наведоа, неуспешното справување на Владата со енергетската криза, пандемијата и другите предизвици.

Мицкоски, но и Движењето Беса неколку дена претходно повторно побараа предвремени избори. Движењето Беса вети дека ќе ги изгласа уставните измени само доколку се одржат предвремени парламентарни избори.

Светската криза ги интензивира конфликтите меѓу партиите

Извршната власт на земјата, како и во многу земји во светот, се соочи со континуирани кризи кои придонесоа за низа поскапувања и воведување на мерки за заштеда на електричната енергија. Кризата стана уште поприсутна со почетокот на руската агресија во Украина. Институциите и лидерите во земјата ја осудија војната, но на граѓаните им порачаа да бидат спокојни и дека криза и зголемување на цените на основните прехрамбени продукти нема да има. Но, не се случи така и цените на основните прехрамбени продукти се покачија по којзнае кој пат, а истото се случи и со нафтените деривати, кои и по речиси една година не се враќаат на поранешното ниво. Бензинските пумпи почнаа да ја ограничуваат продажбата на дериватите, за истите да ги продаваат поскапо по поскапувањето, за што добија критики од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Извесен период имаше недостиг од масло, брашно и други основни прехрамбени продукти, поради стравот од кризата и недостигот на овие производи, но и поради тоа што самите трговци правеа разни манипулации за да остварат профит. Но, иако медиумите го кренаа гласот за спречување на профитерството во услови на криза, институциите го негираа постоењето на таквиот проблем.

Поради тоа, критиките на опозициските политички партии кон Владата почнаа да се множат, обвинувајќи ја притоа владата за неспособност.

Изборите во Тетово, Центар Жупа, Маврово и Ростуше

2022 година ја одбележаа и изборите во општина Тетово за Советот на општината, откако истиот не ја одобри завршната сметка за претходната година во дадениот рок. Избори за градоначалник се одржаа и во Центар Жупа и во Маврово и Ростуше. Изборите се одржаа на 20 август.

Во Маврово и Ростуше за градоначалник беше избран Медат Куртовски од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, а во Центар Жупа Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.

Во меѓувреме, на изборите во Тетово сите партии, освен Движењето Беса, забележаа пад на бројот на гласовите. За разлика од 2021 година, на овие избори, место во Советот на општина Тетово не доби иницијативата „Подобро за Тетово“ и Алијансата за Албанците, кои претходно имаа по два советника.

Движењето БЕСА освои 12 мандати или четири повеќе од претходната година, а ДУИ 11 мандати или еден повеќе. ДПА и Алтернатива по еден. Во македонскиот табор, ВМРО-ДПМНЕ доби четири мандати, додека пак СДСМ два.

Континуирани штрајкови и протести

И оваа година се карактеризира со бројни штрајкови и протести за зголемување на платите и за подобри услови за работа. ССМ, СОНК, Водовод и канализација, Дирекцијата за матични книги, матичните лекари, Поштите на Македонија и други институции и синдикати, од април до ноември протестираа искажувајќи го својот револт и незадоволство. Некои од нив успеаја да изнајдат решенија со надлежните министерства, некои други наидоа на затворени врати кај институциите, додека пак некои сè уште бараат подобри услови за работа. Политичките партии, како од една, така и од друга страна, меѓусебно се обвинуваа за ваквата состојба.

Што се очекува во 2023 година?

2023 година се очекува да биде една „жешка“ година за политичката сцена, поради судирот на политичките партии околу уставните измени кои можат да доведат до предвремени парламентарни избори. Но, премиерот Димитар Ковачевски не прифаќа избори и покрај тоа што нема доволен број на пратеници за да ги изгласа уставните измени. Од друга страна пак, овие измени мора да се изгласаат до крај на 2023 година. Каков план има власта за да ги убеди пратениците од опозицијата за да го дадат својот глас за измените сè уште не се знае.

Ако нема никаков план, тогаш постојат две можности:

  • Или премиерот и актуелната Влада ќе попуштат и ќе организираат предвремени избори, што исто така не е никаква гаранција дека уставните измени ќе се изгласаат, бидејќи победник може да биде ВМРО, а што со сегашниот дискурс за евроинтеграциите не дава никаква надеж за напредок.
  • Или, да не се усвојат измените и да се чека до следните избори во 2024 година, поради што евроинтеграцискиот процес ќе стагнира една година или повеќе, бидејќи не се знае каков ќе биде пристапот на евентуалната идна влада.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...