Заедно со државниот ревизор, заложник на политичките договарања е и изборот на директор на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Новиот закон ќе стапи на сила на 30 ноември, со што ќе престане да функционира Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, пишува „Порталб.мк“.

Важноста на изборот на директор и функционирањето на новата агенција е директно поврзана со нивото на транспарентност и отчетност на тие што ги имаат јавните информации, а во новиот закон, покрај институциите, се предвидува тоа да бидат и политички партии.

„Со овој закон се уредуваат условите, начините и постапките за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат државните органи и другите органи и организации заверени со закон, општинските тела, градот Скопје и општините на Град Скопје, јавните институции и служби, јавните претпријатија, физичките и правни лица кои вршат јавни овластувања заверени со закон и активности од јавен интерес и политичките партии во делот на приходите и расходите“, се вели во член 1 од Законот.

Основањето на агенцијата е предвидено со новиот закон, но за нејзиното функционирање треба да бидат назначени директор и заменик директор. Нивниот избор е заглавен во Комисијата за избори и именувања во Собранието на Северна Македонија, со која раководи пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски. Претходно беше објавен конкурсот за директор, но Собранието нема податоци за бројот на пријавени, а пак Димовски не е достапен за споделување информации со нашата редакција.

– Конкурсот беше отворен и имаше пријавени, меѓутоа, постапката е заглавена на комисијата, бидејќи партиите не успеваат да се договорат. Не го знаеме бројот на пријавени, бидејќи тие податоци ги има претседателот на комисијата – рекоа од Кабинетот на Претседателот на Собранието Талат Џaфери.

Претседателот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која по стапувањето на сила на новиот закон се очекува да се трансформира во агенција, Блерим Исени, не ги знае причините поради кои досега не е избран директор, но процени дека доколку до 30 ноември не се назначи директор, комисијата нема да има надлежност да постапува по претставки.

– Иако шестмесечниот период беше определен како период за трансформација од комисија во агенција, тоа сепак не е поврзано со назначувањето на директорот на агенцијата. Кога ќе биде назначен директорот, мојата функција завршува – изјави Исени за „Порталб.мк“.

Комисијата исто така нема преземено никаква активност за трансформација во агенција, бидејќи тоа е право на директорот за кого политичките партии треба да се договорат и да го изберат во парламентот. И со новиот закон, не е познато и колкав ќе биде бројот на институциите носители на информации од јавен карактер, бидејќи со новиот закон политичките партии ќе бидат задолжени да одговорат на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од друга страна, досегашната комисија не беше ефикасна, бидејќи немаше комплетен состав на советот за да постапува по поднесените поплаки. Последниот состанок на комисијата е одржан на 16 април годинава.

Комисијата стана предмет на јавна расправа, бидејќи на конкурсот објавен во февруари, за член на советот, од СДСМ беше предложена мајката, на сега прво осомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски. Иако беше избрана, по притисок од јавноста таа се повлече. За работата на претходната комисија медиумите велеа дека е под политичко влијание, што влијаеше граѓаните, новинарите и граѓанското општество да немаат доверба во неа.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.