fbpx

Политиката го дозагади воздухот во Битола

-

„Oставете ја настрана политиката, за нашето здравје се работи“. „Дали знаете колку битолчани боледуваат од карцином“, „Нашите деца дишат нечист воздух, не мешајте ја политиката“. „Сакаме чист воздух“. Ова беа најчестите забелешки на вечерашната трибина во Битола, „Пратениците и граѓаните за почист воздух во Битола“, како дел од  проектот „Мобилен парламент“ на  Граѓанската Асоцијација МОСТ.

Граѓаните, меѓу кои лекари, професори, екологисти, секој од свој агол ги изнесуваа своите видувања на проблемот, како и последиците што ги трпат битолчани од загадениот воздух. Особено впечатливо беше излагањето на педијатарот Благица Темелковска, вработена во битолската болница, која кажа дека во нејзината повеќедецениска кариера никогаш не се соочила со толку многу случаи на деца заболени од долнореспираторни инфекции како последниот период.

– Последната година бројката на деца заболени од бронхопневмонии, бронхити и од алергии е страшна. Тоа можам да го поврзам со загадувањето на воздухот. Не е исто бебе на пет месеци да заболи од бронхит, или возрасен на 50 години. Не правиме ништо тоа да го спречиме, туку ние сега само лечиме. Ние сме битолчани и не треба да бидеме политички обоени, туку да се бориме за нашиот град. Сега во Пелагонија има најмногу  деца со малигни заболувања – рече Темелковска.

На трибината беа присутни пратениците од Битола, Зоран Илиоски и Лилјана Кузмановска од ВМРО- ДПМНЕ и Васко Ковачевски и Јулијана Силјановска од СДСМ. Додека граѓаните зборуваа дека стравуваат за своето здравје и за здравјето на семејствата поради големото загадување од Битола, пратениците се обидоа  да држат предавања за тоа  што направиле досега или што ќе направат отсега за овој проблем.

Претеникот на СДСМ, Васко Ковачевски, кажа дека како опозиција побарале да се подготви нов локален еколошки акционен план. Но, никој од власта не го спровел тоа.
– Нашите пратеници од минатиот состав, побараа амандмани со кои ќе се преземат мерки за подобрување на воздухот во Битола, како мерни страници, нови автобуси и да се возобнови идејата за топлификација во Битола, но пратениците од ВМРО за тоа не гласаа – рече Ковачевски.

На ова, контрареплика бараше пратеничка Лилјана Кузмановска, на што регираа и граѓаните.

Инаку Кузмановска претходно рече дека ова е политизирање на еден настан, за што нема потреба.

– Прашањето кој е крив, дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, е беспредментно за оваа трибина. Ние, како пратеници, се трудиме да влијаеме на подобри законски решенија во интерес на подобрување на квалитетот на животот, односно на животната средина во нашиот град – рече пратеникот Зоран Илиоски.
Претставник на Министерството за животна средина на трибината објасни дека во средата граѓаните немаа пристап до информациите на веб-страницата на министерството за тоа каков воздух дишат бидејќи „Телеком“ ги менувал врските и 11 часа веб-страниците ги немало.

Сепак, слушајќи ги излагањата на пратениците, претставникот од Министерството им порача дека не го радува тоа што политички се гледа на воздухот – дали е за тоа е виновна ВМРО или СДСМ.

– Воздухот е наш и мора сите да го решиме проблемот. Ве молам пратеници, да не го усвојувате буџетот на Република Македонија бидејќи средствата за екологија се намалуваат, не се зголемуваат. Тука го гледам вашето влијание и моќта да кажете: „Дојдени сме до политичка зрелост, екологијата на прво место“ – рече Светлана Ѓоргева, раководител во Министерството за животна средина.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...