fbpx

Политиката ги разболи учениците од „11 Октомври“

-

Водата не е причина за заболувањето на децата во основното училиште „11 Октомври“ во Скопје, неофицијално дознава „Мета“. Официјално, пак, резултатите ќе бидат објавени утре. Од вчера училиштето е затворено од Државниот санитарен инспекторат.

Според информациите, повеќе од 50 деца имаат симптоми со стомачни проблеми, повраќање и дијареја, висока температура и главоболка. Има одделенија во кои од 27 деца дури 20 се болни. Ваков е случајот со две паралелки од второ одделение и со една од трето. Поради тоа, првичните информации пласирани во медиумите беа дека се работи за труење од храна, иако децата сè уште немаат организирана исхрана. Забуната ја направила постапката на дел од родителите, кои на своите деца им носат храна од кетеринг-служба. Сепак, по информациите за наводно труење, санитарна инспекција веднаш била испратена во ресторанот од каде се набавувала храната, а резултатите ќе бидат познати в понеделник.

Дека политиката длабоко навлегла во функционирањето на училиштето, тврдат и наставниците.

– Сето ова е политика од која децата се разболуваат. Не верувам дека причина за заболувањето на децата е водата. Сите пиеме од таа вода и ако тоа е причината за заболувањето, би требало да има повеќе болни. Училиштето не функционира поради политички препирки. Сите наставници се поделени партиски. Поради тоа и управниот одбор на училиштето не можеше да избере директор, па мораше в.д. директор да постави Министерството за образование. Жал ми што сето тоа е на грбот на децата и на родителите – вели една наставничка за „Мета“.

Како што дознаваме, состојбата со хигиената во училиштето е алармантна. Нашите извори велат дека нема ниту едно средство за хигиена, училниците мирисаат на сулфур, санитарните јазли се руинирани и ’рѓосани, а секоја година десетици деца се заболени од стрептококни бактерии. Во училиштето, велат родителите, има вошки како по Втората светска војна.

– Последниве години постојано има проблеми во училиштето. Во него нема никакви услови за работа. Тоалетите се ужасни, па децата или не одат во тоалет или извршуваат нужда во училишниот двор. Храна секоја година нема до ноември, клупите за одделенска настава се за деца од забавиште. Ако верувате, во одделението на мојата ќерка лани имаше повеќе од 2.000 изостаноци – вели еден родител.

Веднаш по сознанието за групно труење на ученици во „11 Октомври“ и по јавувањата од загрижени родители, вчера реагираше и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

„Во согласност со Законот за основно образование, веднаш се обрати до училишниот одбор и побара да се преземат итни мерки за спречување на ваквата состојба и веднаш да го информираат за преземените мерки. Градоначалникот најави дека Општината ќе ги преземе неопходните чекори, а за состојбата, како вонредна точка, ќе расправа и Советот на Општината на седницата во вторник“, се вели во соопштението од Општина Центар.

Директорката на училиштето, Даниела Костадинова, пак, целата вина ја гледа во Општина Центар.

– Воопшто не е точно тоа што градоначалникот на Општина Центар вчера го изјави за училиштето. Не се точни ниту информациите дека децата се затруени со храна. Во училиштето сè уште не работи мензата за децата. Причината е тоа што градоначалникот воопшто не сакаше да го одобри тендерот за доставувач на храна. Парите, пак, што Владата ни ги дава како блок-дотации, Општината не ни ги дава, туку си ги присвојува со ребалансот на буџетот. Поради тоа училиште е речиси колабирано – вели Костадинова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...