Само неколку часа откако положи заклетва за својот втор претседателски мандат, Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која ја изрази својата заложба за Првиот амандман и правото, како што рече, „граѓаните слободно да зборуваат на јавниот простор без мешање од владата“.
„Цензурата од страна на власта е неподнослива во слободно општество“, стои во наредбата.
Но, во следните 100 дена, администрацијата на Трамп презеде низа мерки против лица и организации кои го користеа своето уставно право на слободен говор, пишува американсиот сервис за проверка на факти Политифакт.
На 8 март, имиграциските служби го уапсија Махмуд Калил, постојан жител на САД и истакнат учесник на протестите на Колумбискиот универзитет против војната меѓу Израел и Хамас. Иако не му е поднесено обвинение, тој сѐ уште се наоѓа во притвор, а администрацијата тврди дека неговото присуство во земјата може да има „сериозни негативни последици по надворешната политика на САД“.
Неколку недели подоцна, беше притворена и Румеса Озтурк, докторантка на Универзитетот Тафтс, откако Стејт департментот ѝ ја поништи визата, цитирајќи нејзин став во студентски весник од 2024 година каде што го критикува одговорот на универзитетот за конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Паралелно, администрацијата воведе нови ограничувања за медиумите во Белата куќа, нареди истраги против големи медиумски куќи како Си-Би-ЕС, и донесе наредби насочени против адвокатски фирми кои застапуваа клиенти со спротивставени ставови кон политиките на Трамп.
Претседателот исто така се закани со прекин на федералното финансирање за училишта и универзитети поради нивната поддршка за политики за диверзитет, инклузија и нивниот однос кон протестите поврзани со Блискиот Исток. Според истрага на Њујорк Тајмс, властитте отстраниле зборови и фрази како „диверзитет“, „расизам“, „родов идентитет“ и „климатска наука“ од федерални веб-страници и документи.
Критики доаѓаат и од левицата и од десницата. Конзервативната коментаторка Ан Колтер, по апсењето на Калил, напиша: „Скоро никој не би ми било жал да депортирам. Но, ако не направиле злосторство, зарем ова не е кршење на Првиот амандман?“
Професорката по право од Универзитетот Џорџ Вашингтон, Мери Ен Френкс, оцени дека Трамп користи владина моќ за напад врз критичарите. „Нема ништо поважно за слободата на говор од правото да се критикува владата. Без тоа, нема вистинска демократија“, рече таа.
Цел на напад: медиуми, адвокатски фирми и универзитети
На 11 февруари, администрацијата ѝ забрани пристап на агенцијата Асошиејтед прес на настани во Белата куќа, барајќи од новинарите да ја користат фразата „Залив на Америка“ наместо „Мексикански залив“. Федерален судија ја поништи одлуката, велејќи дека е во спротивност со Првиот амандман.
Слични напади се насочени кон адвокатски фирми, особено оние кои претходно работеле со личности или случаи поврзани со истраги против Трамп. Администрацијата донесе наредби против фирми како WilmerHale, Perkins Coie и Jenner & Block, а некои од тие мерки беа поништени од судовите како „одмазднички“ и „неуставни“.
Универзитетите беа под притисок поради нивната поддршка за политики за различност и заштита на човековите права. Колумбискиот универзитет се согласи да дефинира што значи антисемитизам и да формира сопствена универзитетска полиција, додека Харвард поднесе тужба против владата поради замрзнување на средства.
Судовите пресудија: Власта го крши Првиот амандман
Најмалку седум судии, именувани од претседатели од обете партии, пресудија дека мерките на администрацијата на Трамп го прекршуваат правото на слободен говор. Случаите вклучуваат одлуки поврзани со ограничувања за адвокатски фирми, училиштата и политиките за диверзитет и инклузија, како и забраната за трансродови лица во воената служба.
Иако администрацијата инсистира дека не станува збор за напад врз слободата на говорот, туку за борба против „антисемитизам“ или „граѓански прекршоци“, правни експерти предупредуваат дека тоа е опасен преседан.
„Администрацијата на Трамп не ја врати слободата на говорот. Во првите 100 дена видовме некои од најсериозните закани за слободата на говор во последните децении“, изјави Нико Перино од Фондацијата за индивидуални права и изразување.