Компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение се жалат на дефицитот на правната сигурност, политичката и социјалната стабилност, борбата против корупцијата и криминалот, дисциплината при наплата на побарувањата, по пред се непредвидливата политичка криза која има силно влијание на стопанскиот развој.

Ова го покажува анкетата на здружението во која учествувале 71 компании и дури 51 процент од нив, актуелната состојбата ја оцениле како лоша, а само 10 проценти како добра.

„Годинава, како и во изминатите години, повторно истите фактори се оценети со оценка недоволен правната сигурност, дисциплината при наплата на побарувања, политичка и социјална стабилност, транспарентноста при јавни набавки и борбата со корупција. Сево ова го спречува  долгорочното планирање и доведува до неизвесност кај деловните луѓе, воедно како за домашните така и за странските инвестиции. И покрај наведените проблеми, сепак е охрабрувачки фактот дека 82 проценти од компаниите кои работат во Македонија повторно би инвестирале во Македонија, што е 10 проценти повеќе од минатата година што  е важна порака до потенцијалните инвеститори, изјави директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс.

Според него, брзо е потребно решение за актуелната политичка криза, која силно се пресликува на стопанството.

Во однос на очекуваната перспектива за тековната година, 63 проценти од испитаниците сметаат дека состојбата нема да се промени, 26 проценти очекуваат да има влошување, само 11 проценти се оптимисти и очекуваат подобрување.

Во земјата работат повеќе од 200 компании со германски капитал кои вработуваат 15.000 лица, што игра важна улога на  пазарот на трудот.