Полицискиот синдикат бара да не се генерализира цела полиција поради случајот „Јавна соба“

Нема да дозволиме како Синдикат, поедини случаи да бидат генарилизирани и на тој начин да се навредуваат и омаловажуваат полициските припадници дека се непрофесинални, неетички, а најмалку дека се родово несензибилизирани или во рамките на своите полициски постапувања и овлстувања истите се водени од прерасуди и стереотипи, порачуваат од Македонскиот полициски синдикат по вчерашните наводи на Платформата за родова еднаквост.

„Цврсто сме уверени дека нашите членови – полициските службеници имаат изграденo голем професинализам и интегритет во работење и тие во никој случај при своето професионално работење и постапување со граѓаните, не се водени од родовите стереотипи и предрасуди“, велат од синдикатот.

Според нив, нема потреба од дополнителни правни акти во МВР за уредување на санкционирање во случај на семејно насиство, затоа што, како што велат, „доколку другите институции надлежни за справување и заштита на жртвите од семејното и родово базираното насилство би биле „законски уредени и подредени“, како тоа што е правно и институционално регулирано како во МВР, тогаш со сигурност би тврделе дека насилниците ќе бидат соодветно санкцинирани“.

Инаку вчера пред Министерството за внатрешни работи, Платформата за родова еднаквост побара конечно решавање на случајот со „Јавна соба“ и воедно порачаа дека очекуваат прочистување и санкционирање на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени, непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки. Освен ова, побараа и стручна едукација на полицијата за постапување во случај на родово базирано насилство.

„Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект доколку полицијата продолжи со непрофесионално постапување засновано на лични и произволни ставови со стереотипи и предрасуди. Повеќе не прифаќаме ветувања дека работите ќе се унапредат, ниту прифаќаме изговори и префрлување на одговорноста на други институции. Ние бараме резултати од полицијата, веднаш!“, рече Бојана Јовановска од Платформата за родова еднаквост.

На почетокот на овој месец Платформата протестираше против случајот „Јавна соба“ и побара од институциите побараа санкционирање на сторителите, поддршка за жртвите, но и вметнување на онлајн сексуалното вознемирување во Законот.

Од МВР велат дека активно работат на случаите и сите материјали се доставуваат во обвинителството. Од обвинителството потврдија дека во тек е предистражна постапка.