Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

На денешната седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука да биде продолжена актуелната мерка за забрана и посебен режим на движење на граѓаните на целата територија на државата во временскиот период од 22 часот до 5 часот, почнувајќи од денеска, односно од 23 март до 6 април.

Мерката полициски час беше донесена на 10 март и беше предвидено да трае две недели. Во врска со актуелните мерки за заштита, министерот за здравство, Венко Филипче посочи дека очекувањата се тие да дадат видливи резултати по 7 до 10 дена. Но во случај тие да не го дадат посакуваниот ефект, тој рече дека здравствените власти се спремни да воведат и дополнителни рестрикции.

Изминативе денови се бележи раст на бројот на новозаразени со ковид-19, со што бројот на активни случаи надмина 15.000 лица. Следствено зголемениот број, расте и бројот на хоспитализации во болниците. Денешните податоци на ресорното министерство покажуваат дека во ковид центрите низ земјава се лекуваат 1.315 пациенти, додека пак, слободни кревети има 340.