Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот на територијата на град Скопје, санкционираше прекршоци за техничка неисправност на возилата кои вршат меѓуградски превоз на патници.

„Санкционирани се 28 возила, од кои 23 поради неисправен уред за сопирање, а пет поради други неисправности. Возилата се исклучени од сообраќај и поднесени се соодветни поднесоци. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови“ информираат од МВР.

Во врска со секојдневните сообраќајни контроли, на територија на град Скопје вчера полициските службеници изрекле вкупно 391 санкција за возачи, од кои 87 се однесуваат за пречекорена брзина.

Полицијата казнила и 52 лица кои возеле без возачка дозвола, а напишани се и казни за 74 технички неисправни и нерегистрирани возила, како и 92 мерки за непрописно паркирање. Воедно санкционирани се 7 мотоциклисти и 11 лица кои не носеле заштитна маска.

Од МВР најавија дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови. Оттаму апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.