Автор: Арбнора Мемети

Полицијата во изминативе неколку дена напишала помалку казни на граѓаните за неносење маски на лицето, иако бројот на новозаболени лица од ковид-19 периодов руши рекорди. Полицијата вчера регистрирала 306 прекршоци во однос на мерката носење лична заштита на лицето, завчера имало 283 прекршоци, додека во петокот биле регистрирани 436 прекршоци. Наспроти ова, минатата недела биле изречени 737 санкции за неносење маски, додека во претходната сабота имало 837 прекршоци, а во петокот биле регистрирани 761 прекршок, покажуваат дневните извештаи на МВР.

Инаку, намалувањето на бројот на регистрирани прекршоци за неносење лична заштита на лицето доаѓа во период кога стапија на сила законските измени на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кој сите граѓани мораат да носат маски и на отворено, со исклучок на спортување или престојување во двор на семејна куќа. За неносење заштитна маска полицијата треба да пишува казни од 20 евра, а забрането е и групирање јавен простор во одредени период од денот.

„Мета.мк“ во петокот вечерта објави фото-репортажа од Градскиот парк во Скопје, од која може да се извлече заклучокот дека стотици млади лица во групи сепак се шетаа и забавуваа на отворен простор по 21 часот, и тоа ретко кој од нив носеше маски или внимаваше на неопходната дистанца.

Ваквата недисциплина, а и недоволното казнување на граѓаните, доаѓа во период кога не само што постојано расте бројот на новозаболени од ковид-19, туку и се преполнети јавните здравствени установи во земјава. Само вчера починаа 26 лица од ковид-19, што е најголем број од почетокот на ковид-19 пандемијата во земјава.

Воедно, бројот на хоспитализирани пациенти во болниците од јавното здравство вчера се искачи на рекордни 973, откако беа ставени на располагање изминатиов период и кревети на Клиниката за неврологија и Институтот за ТБЦ во Скопје за згрижување на оние граѓани болни од ковид-19 на кои им е неопходен болнички третман поради лошата состојба во која се наоѓаат.